ССМ ОСТАНА БЕЗ СЕДИШТЕТО: Со пресуда на Врховен одземена ЗГРАДАТА
Сојузот на синдикати остана без своето седиште, откако Врховниот суд донесе пресуда зградата на ССМ во центарот на Скопје да се предаде во сопственост на државата.
Според пресудата на Врховниот суд, објектот на ССМ се градел со пари од државата, а не со средства на синдикатот бидејќи, како што се наведува во пресудата, ССМ не извршува стопанска дејност, па нема ниту сопствени приходи за стекнување на имот.
Од Сојузот на синдикати побараа оставки од врховните судии кои одлучиле државата да ја добие зградата на ССМ. Обвинија за корумпираност на судиите, а препознаваат и обид за дисциплинирање на синдикалното движење и негово уништување.
Од Владата сепак до овој момент нема информации што оваа пресуда ќе значи во пракса и дали синдикатот ќе треба да се исели од зградата.
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, денеска на вонредна прес-конференција соопшти дека според неофицијалните информации што ги има ССМ, Врховниот суд донел пресуда со која се одзема зградата Работнички дом во Скопје, која од почетокот на нејзината изградба во 1958 година е во сопственост на Сојузот на синдикати на Македонија.
Трендафилов вели дека Домот бил граден со средства на работниците во 1958 година врз основа на договор и одобрение за градба. Од 1992 година наваму, пак, како што додава претседателот на ССМ, имало многубројни обиди за Работничкиот дом да се приграби во интерес на елитите, но, како што вели, аргументите во сите постапки кои се воделе изминатите години биле пресилни за одземање на имотот.
„Врховниот суд кој е највисоката судска инстанца во државата, која со таквата одлука не може да биде оспорувана во домашното законодавство туку само надвор, донел некоја пресуда со која ги поништува сите постапки од 1992 година започната од тогашните влади, функционери и правобранители кои се во име на ССМ врз основа на целокупните аргументи. Повеќе од 15 судски пресуди, од кои шест само во последниот случај од 2005 година до денес, повеќе од 15 решенија на управни институции на управни органи, Судот преиначува, поништува и кажува дека поради претпоставка дека синдикатите во тој систем не можеле да располагаат со толкави средства, поради претпоставка дека одлуката е повисока од Уставот на државата и во тој систем и денеска, и поради тоа што денешните судии кои претседавале со советот во Врховниот суд кои тогаш не биле родени или биле во пелени, одлучуваат на каков начин одлучувале тогашните органи на таа држава во која Македонија била дел. Сме успеале да го зачуваме имотот на работниците, за возврат на тоа што сме се бореле Врховниот суд не спречил општествениот имот на граѓаните и работниците и фирмите да бидат разграбани од олигархијата и тоа што ние успеавме да го зачуваме денеска сакаат да го земат“, рече Трендафилов.
Доколку ваквата одлука на Врховниот суд, за која ССМ чека официјална потврда, се испостави за вистинита, оттаму најавија дека ќе бараат оставка од претседателката на Судот и од судиите во Советот кои одлучувале по однос на ова прашање. Работничкиот дом, вели претседателот на ССМ, го преживеал катастрофалниот земјотрес во 1963 година, а ќе го преживее и потресот од Врховниот суд кој се обидува да го направи на ваков начин.
„Симптоматично е тоа што претседателот на Врховниот суд бил вклучен во постапката од 2005 година додека извршувал функција заменик-јавен правобранител и сакал да го земе имотот на работниците – Работничкиот дом, а денеска кога е претседател на Врховниот суд да се преиначат сите постапки со кои тој бил неуспешен и на таков начин да ја одземе зградата од позиција на моќ“, додаде Трендафилов.
Првиот човек на ССМ оцени дека сите синдикални протести и штрајкови во минатото, како и борбата за подобрување на работничките права и борбата за зголемување на платите на работниците, биле кнедла во грлото на многу функционери, судии и избрани и именувани лица кои, како што вели, сакаат на своевиден начин да го дисциплинираат синдикалното движење во Македонија и ССМ и на таков начин да го уништат.
„Нападот на ССМ е напад на секој еден работник во државата. Обезглавувањето на ССМ или стапнувањето со чизма на вратот на лидерот на борбата на работниците нема да дозволиме да биде стапнување на функционерска чизма во Работничкиот дом. Нема да дозволиме Работничкиот дом кој постои повеќе од 70 години да стане функционерски или судски дом. Ќе се бориме против сите тие кои сакаат да земат од устата на работниците. Тоа што ние го правиме нема да запреме да го правиме. Не можете да дисциплинирате синдикати, можете само да ги разгневните“, рече уште претседателот на ССМ.