Мицкоски: Раѓањето на синот Божји ја симболизира надежта за подобро утре

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, упати честитка по повод денешниот празник – Раѓањето на Исус Христос, Божиќ.

Во мое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ на сите православни Христијани во Македонија им го честитам големиот празник Рожденство Христово – Божик со желби за успеси здравје и среќа.

Раѓањето на синот Божји ја симболизира надежта за подобро утре, мирот и спасението на човековиот род кој тој со себе ги донесе на овој свет.

Токму празничните божиќни мигови нека ги исполнат домовите на верниците со божјата светост и радост за веста за раѓањето на Спасителот. Срцата нека се исполнат со топлината и нека се пренесе гласот дека Богомладенецот Христос е роден.

Благословот Господов нека е над сите нас, да се насочиме кон добрите дела и хуманоста бидејќи тие се смислата на човекољубието и нашата христова вера, љубовта кон ближните и надежта за спасението.

Во празнични денови да си споменеме и за сите оние кои страдаат поради растечката немаштија и да им пружиме рака, да направиме богоугоден гест и да им помогнеме. Луѓето кои живеат до нас, нашите соседи, без оглед на разликите се наши браќа и треба да си бидеме потпора во овие тешки времиња.

Така ќе се сплотиме и ќе застанеме рамо до рамо против предизвиците на новото време кои го ништат нашето општество и кои ја загрозуваат нашата татковина Македонија.

Криминалот и корупцијата се злото на ова доба, и тоа бара обединување и заедничка борба. Злото се поразува со добро, а народот во Македонија секогаш знаел да ја одбере страната на доброто и да биде на страната на победниците.

Така било во минатото и така ќе биде додека векот векува.

Нека е честит и вековит празникот Божик.

Нека е вечна Македонија.

Христос се роди!

Навистина се роди!