Ковачевски: Ако ВМРО-ДПМНЕ не гласа за техничката влада, тие места треба да останат празни – ВМРО-ДПМНЕ: Правото не познава предлози за министри, “празно место”

Премиерот Димитар Ковачевски смета дека нема пример во светот каде што политичка партија учествува во Влада, а не ја поддржува.

Кога се учествува во Влада значи таа влада треба да се поддржи. Не постои пример во светот каде политичка партија учествува во Влада, а не ја поддржува. Сметам дека ВМРО-ДПМНЕ согласно Закон исто како и другите политички партии кои се повикани да имаат министри во техничката Влада, треба да ги даде своите кандидати и да гласа за таа влада“, одговори Ковачевски на новинарското прашање за тоа дали кандидатите министри од ВМРО-ДПМНЕ, нема да бидат потпишани, односно ќе има празно место.

Доколку ВМРО-ДПМНЕ реши да не гласа за таа влада, сметам дека тие места треба да останат празни, мандатарот да предложи Влада во која тие места ќе бидат празни. Во моментот кога ВМРО-ДПМНЕ ќе реши да ја поддржи владата, наредниот ден ќе може мандатарот да предложи и во истиот ден да се изгласаат министрите кои им следуваат“, рече премиерот.

Tокму поради ваквите евтини трикови и надмудрувања кои беа очекувани од СДС и Ковачевски, ВМРО-ДПМНЕ повика да се укине техничката влада, што Ковачевски истото го одби, ja коменира ВМРО-ДПМНЕ денешната изјава на премиерот Ковачевски каде рече дека ако опозицијата не ја гласа техничката влада тие места треба да останат празни.

Со цел да се постапи државнички и одговорно ВМРО-ДПМНЕ прифати да учествува во техничката влада, без да го гласа техничкиот премиер Џафери од ДУИ. ВМРО-ДПМНЕ останува на истиот став, и имињата за министри и заменици, согласно законот ќе бидат предложени наредната недела. Останува на власта дали ќе одбере да го почитува законот, или истиот ќе го крши, што само ги открива и позадинските намери за загрозување на изборниот процес што е доказ за огромната доза на нервоза кај власта во заминување.
Правото не познава предлози за министри, “празно место” како што изјавува Ковачевски.