Почина актерот Жарко Лаушевиќ

Сопругата на актерот Анита ја сподели тажната вест. „Ја информираме јавноста дека денес, 15.11.2023 година, на 63-годишна возраст, по кратко и тешко боледување почина нашиот сопруг и татко Жарко Лаушевиќ. Во име на семејството Анита Лаушевиќ“, се вели во соопштението на ужаленото семејство.

Актерот Жарко Лаушевиќ стекна голема слава во 80-тите години на минатиот век, откако ја играше улогата на Милош Облиќ во култниот филм „Битката во Косово“.

Роден е на 19 јануари 1960 година во Цетиње. Учел во гимназија во Подгорица, а дипломирал глума на Факултетот за драмски уметности во Белград.

Тој беше еден од најпознатите југословенски и српски актери од втората половина на 80-тите, чија кариера нагло беше прекината поради злосторството што го направи во 1993 година за што беше осуден на неколку години затвор во родната Црна Гора.

По скратувањето на казната и помилувањето, Лаушевиќ се пресели во Соединетите Американски Држави, од каде што се врати првин со исповедната книга „Годината минува, денот никогаш“, а потоа со уште неколку автобиографски дела, како и неколку улоги на телевизија и филм во последните десет години.

Популарноста во Југославија ја стекна со улогата на криминалец во телевизиската серија „Сивиот дом“ (1986), во режија на Дарко Баиќ, како и во филмовите „Шмекер“ (1986), „Се случи на денешен ден“ (1987), „Битката на Косово“ (1989), „Кажи зошто ме остави“ (1993) и „Подобро oд бегство“ (1993).

Летото 1993 година при расправија и конфликт пред едно кафуле во Подгорица, Лаушевиќ ги уби со пиштол напаѓачите Драгор Пејовиќ и Радован Вучиниќ, а тешко го рани третиот Андрија Кажиќ.

Тој беше осуден на 13 години затвор за двојно убиство. Настанот и неговите последици, кои суштински ќе му го променат животот, Лаушевиќ прв ги опишал во автобиографската книга „Годината минува, денот никогаш“ (2011), како и во продолжението „Втората книга“ (2013).