Болниците во Газа се на работ на колапс: „Шокантно е нивото на човечкото страдање“

Телефонските и интернет комуникациите постепено се враќаат во Појасот Газа, објавија неколку палестински медиуми рано утринава, додека израелската војска ја интензивираше својата офанзива и покрај повиците за деескалација и ги повика палестинските цивили да одат на југ каде што ќе има вода, храна и лекови.

Израелската војска е во копнена офанзива со оклопни возила од петокот вечерта, продолжувајќи да го интензивира бомбардирањето на областа од 362 квадратни километри како одмазда за крвавиот напад на нејзината територија од страна на палестинското исламистичко движење Хамас на 7 октомври, во кој загинаа 1.400 луѓе.

Локалните власти во Газа во неделата објавија дека повеќе од 8.000 Палестинци, од кои половината деца, се убиени во израелските бомбардирања од почетокот на конфликтот пред нешто повеќе од три недели. Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш во саботата ја осуди „невидената ескалација на бомбардирањето“ и уште еднаш повика на итен прекин на огнот.

Претседателката на Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК), Мирјана Шпољариќ, во саботата рече дека е „потресена од неподносливото ниво на човечко страдање“. Таа рече дека е неприфатливо цивилното население во Појасот Газа да нема безбедно засолниште пред масовното бомбардирање од страна на израелските воздухопловни сили.

Во моментов не е можна соодветна хуманитарна помош, рече Шпољариќ во изјавата објавена во вчера навечер. „Ова е катастрофален неуспех што светот не смее да го толерира“, додаде таа. Според Црвениот крст, илјадници семејства во Газа се принудени да спијат во импровизирани засолништа или на отворено, со малку храна и вода.

Во соопштението се вели дека болниците, кои сè уште работат, се „на работ на колапс“, бидејќи им снемува резерви за да се грижат за многуте болни и повредени. Повеќето од пречистителни станици веќе не се во функција. МКЦК рече дека здравствената заштита, водата и електричната енергија мора веднаш да бидат обновени за да се спасат животи.

„Соочени со непрестајно и застрашувачко бомбардирање, луѓето немаат каде да бегаат или да се засолнат. Треба да се воспостави итен прекин на огнот“, рече д-р Христос Кристоу, меѓународен претседател на Лекари без граници (MSF).

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на прес-конференција во саботата изјави дека „војната во Појасот Газа ќе биде долга и тешка и дека тие се подготвени за тоа“, додавајќи дека неговата војска „ќе го уништи непријателот на копно и под земја“.

Ова се оденсува на мрежата од стотици километри подземни тунели, од каде Хамас ги насочува своите операции кон Израел. Сега започнува „втората фаза од војната, чија цел е јасна: да се уништи воениот капацитет и раководството на Хамас; да се вратат заложниците дома“, потврди Нетанјаху по средбата со семејствата на затворениците на Хамас, меѓу кои има 230 според Израел.

Досега се ослободени четири жени. Хамас, кој се закани дека ќе ги погуби заложниците, проценува дека бројот на заложниците убиени во бомбашките напади е „речиси 50“. Интензивирањето на бомбардирањето на Газа се совпадна со прекинот на комуникациите и интернетот, што дополнително ја усложни задачата на хуманитарците.

Од 9 октомври, Израел воведе „тотална опсада“ на Газа, прекинувајќи го снабдувањето со вода, електрична енергија и храна на територијата на 2,4 милиони луѓе, која е под израелска копнена, воздушна и морска блокада од 2007 година. Само 84 камиони со хуманитарна помош успеаја да стигнат до Газа преку Египет од 21 октомври.

Недостигаат и лекови, а некои хируршки операции се вршат без да се заспијат пациентите, поради недостиг од анестетици, предупредија вчера Лекари без граници.