“Македонија НЕ ПОЧНАЛА ПРЕГОВОРИ СО ЕУ“

Скопје допрва ќе ги почне преговорите со ЕУ кога ќе го измени Уставот, вели новата бугарска еврокомесарка Илијана Иванова со што го урна наративот и спиновите на власта на СДСМ и ДУИ дека земјата веќе води преговори за членство.

„Во случајот со Македонија, имаме обврски за промени во уставот, имаме два протоколи на Договорот за добрососедство и пријателство кои мора да се исполнат. Правилата се јасни. Нема и не може да има исклучоци од страна на Комисијата. Нема шанси Комисијата да ја врши работата на земјите кандидати“, вели Иванова во интервју за бугарската национална телевизија (БНТ).

Иванова вели дека Македонија ќе ги започне преговорите за членство во Европската Унија (ЕУ) кога ќе ги исполни критериумите и ќе го измени својот Устав.

Изјавата е дадена на првиот ден од стапувањето на функцијата во Европската комисија (ЕК) и не може да е кажана без консултации со одделот за комуникации на Европската комисија, анализира Експрес.мк

Говорејќи се односите со Македонија и прифаќањето на земјава во ЕУ, Иванова е категорична дека не се можни исклучоци.

„Проширувањето е другиот важен приоритет што беше споменат минатата недела. Критериумите се многу важни и важат за сите со еднаква сила. Сите земји кои се на пристапниот пат преземаат конкретни обврски. Во случајот со Северна Македонија, имаме обврски за промени во уставот, имаме два протоколи на Договорот за добрососедство и пријателство кои мора да се исполнат. Правилата се јасни. Нема и не може да има исклучоци од страна на Комисијата. Нема шанси Комисијата да ја врши работата на земјите кандидати“, вели Иванова во интервјуто за бугарската национална телевизија.

Илиана Иванова е нов еврокомесар за иновации, истражување, култура, образование и млади а стана член на Европската комисија на предлог на Бугарија на местото на Марија Габриел, која во мај се повлече од должноста за да ја преземе функцијата вицепремиер и министер за надворешни работи во новата влада на Бугарија.

Според владата во Скопје Македонија лани во јули формално ги почна преговорите за членство во Европската Унија со што започна скрининг процесот за усогласеноста на македонското законодавство со она на Унијата.

Сепак, услов за одржување на Втората меѓувладина конференција и отворањето на пристапните Кластери и поглавја се уставните измени со кои Бугарите и делови од други народи треба да бидат вметнати во Преамбулата на Уставот.

Изјавата на Иванова ако не биде повлечена е најсериозен удар што ЕК и го задала на владата на СДСМ и ДУИ.

Фото: Европска комисија