Јовевски: Обвинителството за организиран криминал и корупција отвори истрага по допрен глас за тендерите за надзорот на автопатите и за пасошите
Обвинителството за организиран криминал и корупција отвори истрага по допрен глас за тендерите за надзорот на автопатите, имаме и други предмети, но мора да прифатите дека за одредени предмети не можеме да соопштуваме детали за јавноста, во делот на постапката до каде се овие предмети исто така и за предметот познат како „пасошите“, изјави во вечерашната Топ Тема, државниот обвинител, Љубомир Јовевски, во однос на забелешките дека во работата на ова обвинителство недостасуваат резултати во борбата против високата корупција, што е една од најкрупните забелешки и во извештаите на Стејт департментот.
Јовевски тврди дека станува збор за сложени предмети и дека голем дел од доказите треба да се обезбедат во сложени постапки кои траат долго.
Процесите ќе се отворат тогаш кога ќе се обезбедат доказите, вели Јовевски.
Во однос на предистрагата по допрен глас за Бехтел и Енка и сомнежите за корупција, државниот обвинител изјави дека веќе се преземале одредени чекори, се побарале одредена документација и други доказни средства.
Сепак, Јовевски изјави дека не може да соопшти повеќе детали за тоа што досега се работи за овој случај.
Прв пат обвинителите имаа можност да избираат раководител на едно од најзначајните обвинителства за борба против организиран криминал и корупција, изјави Јовевски за процесот на избор на прв човек на ова обвинителство. Во однос на работата на Ислам Абази, Јовевски оцени дека тој бил добро познат во обвинителските кругови и очекува дека ќе има резултати.
Има повеќе предмети отворени, повеќе предмети се пред крај и во скоро време јавно ќе ги кажеме. Има и за високи функционери, во тоа обвинителство има оформени предмети, истраги, предистраги и против актуелни функционери, но исто така и против поранешни функционери, рече Јовевски.