Шестоодделенците нема да учат географија и историја: Жестоки реакции на родителите за наставната програма на МОН
Во наставната програма за шесто одделение за следната учебна година која е објавена на интернет страницата на Бирото за развој на образованието недостасуваат предметите географија, историја и етика на религиите.
Жестоки реакции од родители стигнаа на Фејсбук групата „Учебници и настава мора да има“ во која членуваат речисии 80.000 родители.
„Нашите деца не треба да знаат ништо од ова! Нашите деца не треба да знаат ништо за Македонското минато и нивните предци. А што понатаму и без Географија ? Според нив и Етика на религии кој е многу убав предмет во кој децата ги изучуваат сите религии во светот и начинот на верување итн, не треба да постои. Со еден збор го бришат моралното, етичкото, историското, религиското!“, стои во објавата.
Активистката Драгана Спасевска најави дека ќе се менува цел систем по моделот на Финска, а ќе има и нова концепција за средно образование.
„И ќе гледаме повторна репрзиза и молење за учебници. И ќе се молиме да не се бришат предмети! Едно не ми е јасно? Дали наставниците не се свесни дека можеби ќе им пропадне работното место од септември? Или можеби ќе ги пренасочат да бидат образовни асистенти и дефектолози? Ќе се сплотиме ли овој пат заедно и родители и наставници да кажеме СТОП на овие реформи и да направиме се што можеме во најдобар интерес за децата?“, се вели во дел од објавата.