Алтернатива тврди дека мнозинството зависело од ветувањето на Ковачевски за меѓународна истрага за „Монструм“ и „Диво Насеље“
Довчерашниот коалициски партнер на СДСМ, Алтернатива, преку генералниот секретар Зеќирие Ибрахими му порача на премиерот Димитар Ковачевски веднаш да го испрати писмото со кое Владата ќе побара од Европската комисија тим од експерти за меѓународна истрага на процесите за кои постојат сомневања дека врз нив било вршено политичко влијание.
– Повод за денешната прес-конференција е вчерашната изјава на премиерот дека ќе го процесира до Европската комисија писмото за монтираните случаи, која била втора точка од договорот потпишан помеѓу претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, и претседателот на СДСМ, Зоран Заев, прифатена и од актуелниот премиер, Димитар Ковачевски. Како што јавноста знае, веднаш по точката за европската интеграција, во тој договор е ставена и точката дека „Владата ќе испрати официјално барање до Европската Комисија со кое ќе побара тим од независни експерти кои ќе извршат меѓународна истрага на процеси за кои постојат сомневања дека врз нив било вршено политичко влијание, како што се: Монструм, Алфа, Диво Насеље, Малиот Алмир“.
Затоа јас сум денес тука да не дозволам тој човек или било кој друг да се поигрува со тоа прашање, сето тоа на штета на луѓето кои лежат по затвори, на нивните семејства, но и на сите граѓани – рече Ибрахими.
Алтернатива на 24 август 2022 година го доставила кај премиерот Ковачевски писмото што требаше да биде испратена до Европската комисија. Тој се оправдал со некои технички процедури, се додека по предупредувањето на Алтернатива дека Ковачевски ќе остане без мнозинство.
– „Ако не иде писмото, нема да имаш мнозинство“, рековме. Тогаш на 6 декември 2022 год. министерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, му го врати писмото на претседателот Гаши со некои забелешки. Откако ние го примивме, видовме дека забелешките се околу објаснувањата и дека барањето како такво останува, токмо тој ден му го вративме со наша согласност дека писмото може да оди. И, ете, денес сме 17 февруари, а писмото уште не е поминато на влада, не е пратено до Европската комисија и сега му текнува на премиерот да си поигрува со оваа тема, ставајќи ја во политичкиот пазар на купопродажба на недостатокот на бројки во Собрание – откри Ибрахими.
Тој му порача на Ковачевски да го испрати писмото и да ги земе сите заслуги за правдата.