Димовски: Мудроста на Свети Климент Охридски е втемелена во светогледот на нашиот народ

Претседателот на Социјалистичката партија на Македонија, Љупчо Димовски, по повод  празникот Свети Климент Охридски упати честитка до членовите на Светиот архиерејски синод, до целото свештенство и монаштво и до сите верници од православната вероисповед.

– Основоположник на македонската црковна и народна духовност, патрон на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и со продлабочувањето и унапредувањето на словенската просвета, проддолжувач на делото и мисијата на Светите браќа Кирил и Методиј. Свети Климент Охридски со отворањето на Охридската книжевна школа, Првиот универзитет на Балканот, е тој што остави непроценлив придонес во словенската култура. Неговото духовно и книжевно дело е трајно врежано во душата на македонскиот народ и во неговото културно наследство, подеднакво и во историјата и традицијата на европските народи и земји, напиша Димовски.

Мудроста на Свети Климент Охридски, како што нагласи претседателот на СПМ, е втемелена во светогледот на нашиот народ и на нејзините духовни вредности се развива и нашата света Македонска православна црква.

-Затоа, поттикнати од неговото величенствено дело, во овие сложени времиња исполнети со многу опасности и предизвици, покорно молиме барајќи ја неговата вековна заштитничка грижа за нашиот македонски народ во напорот за сочувување на нашето битие и негово спокојно проддолжување. Со неговата света мудрост за нас и за нашите поколенија да обезбедиме подостоен живот со чинење добри дела исполнети со разбирање и помагање, со сплотеност и единство во нашето кревко национално ткиво, напиша Димовски во честитката. 

Постави одговор

Your email address will not be published.