Ептен стручни кадри: Договорите со здравствени установи во ФЗО ќе ги контролира книжевник, кадрово ќе води филолог

Додека само Здравствениот дом Скопје има поднесено барање за 300 вработувања од кои 200 доктори и 100 медицински сестри, Фондот за здрватсвено осигурување објави оглас за вработување на 53 административци.

И можеби се би било во ред доколку недостигаат лица за да се изврши работата соодветно и навремено, но за одредени работни места се бара несоодветно образование.

Колку за илустрација, за работното место соработник за пресметување на надомест за боледување се бара личност со завршен Филозофски факултет, за местото соработник за надомест на лекови треба да има завршено Факултет за стоматологија, за работното место соработник за договори со здравствени установи се бара лице со Факултет за книжевност – филологија, се бара и стручен соработник за управување со човечки ресурси кој исто така треба да биде филолог, односно јазичар, се бара и книговодител со средно или вишо и слично.

Ова е се, само не е соодветна регрутација на кадри. Во период кога нема медицински персонал поради заминување од земјава за што прилина се ниските плати, лоши услови за работа, се вработуваат администратици и тоа со сосема несоодветно образование, коментираат правници кои работат на систематизации во државните установи.

Неспорно е дека има квалитетни луѓе во администрацијата, велат тие, но се додека се објавуваат несоодветни огласи и се бараат несоодветни лица ништо не се прави.

Вака ниту граѓаните добиваат соодветна услуга, ниту институциите, едноставно системот не функционира, констатираат упатените.