Софија се заканува со нова блокада ако се затворат бугарските клубови?
За бугарското МНР крајно неприфатливо било да се применува наратив и законодавни иницијативи, со кои како што велат, непринципиелно се искористуваат теми поврзани со фашизмот, антисемитизмот и тероризмот за да се ограничат основните права. Ваквата порака ја испрати заменикот министер за надворешни, Костадин Коџабашев на денешниот брифинг. Обвини дека Македонија почнала нова кампања против бугарските организации преку наметнување селективни, еднострани и историски толкувања.
-Согласно одлуката на бугарското Народно собрание од 24 јуни 2022 година, Бугарија ќе ја поддржи европската интеграција на Македонија само под услов доколку се гарантираат правата на Бугарите во земјата. Последните законски измени во Скопје противречат на тој услов. , вели Костадин Коџабашев, заменик министер за надворешни работи.
Во меѓувреме, македонското МНР возврати, но со нова вербална нота до Софија, втора за три дена. По осдуата на скандалозните пораки на европратеникот Џамбаски, сега МНР реагира на изјавата и јавно изразените иредентистички и територијални претензии кон Македонија, искажани пред два дена од пратеникот и лидер на нациоаналистичката проруска партија „Преродба“, Костадин Костадинов.