ОМО ИЛИНДЕН ПИРИН – СВЕЧЕНО ОТВОРАЊЕ НА МАКЕДОНСКИОТ КУЛТУРЕН КЛУБ “НИКОЛА ВАПЦАРОВ“ ВО БЛАГОВЕГРАД НА 30 ОКТОМВРИ ВО 12 ЧАСОТ!

22 октомври 2022 година, Благоеград, Пиринска Македонија – И покрај антимакедонската декларација на Советот на Благоевград, ОМО ИЛИНДЕН ПИРИН упатува јавна покана за свеченото отворање на Македонскиот културен клуб “Никола Вапцаров“ во Благоевград на 30 октомври 2022 година, недела, во 12 часот.

ОМО ИЛИНДЕН ПИРИН информира дека Македонскиот културен клуб “Никола Вапцаров“ во Благоевград има за цел да ја развива македонската традиционална и модерна култура, да гради културен мост меѓу Бугарија и Македонија, и да ги зајакне врските меѓу Македонците во Бугарија и Македонците ширум светот.

Македонскиот културен клуб “Никола Вапцаров“ во Благоевград е формиран од Иницијативен комитет во чиј состав е и “Здружението за заштита на основните индивидуални човекови права“, регистрирано во согласност со бугарскиот закон во Агенцијата за регистрација на 30 август 2019 година со ЕИК 205801406.

ОМО ИЛИНДЕН ПИРИН упатува искрена благодарност за финансиската помош од Македонците Глигор Цанев и Минчо Остас од Торонто и Македонското меѓународно движење за човекови права во Канада.

ОМО ИЛИНДЕН ПИРИН информира дека и покрај антимакедонската декларација на Советот на Благоевград, настанот на 30 октомври годинава е одобрен од градоначалникот на општина Благоевград. На свеченото отворање поканети се премиерите на Бугарија и Македонија, амбасадорите акредитирани во Бугарија, градоначалникот на Благоевград, средствата за јавно информирање од Македонија и Бугарија, и пријатели и гости од Бугарија и странство.

Добредојдени се сите добронамерници кои ја поддржуваат работата на Македонскиот културен клуб “Никола Вапцаров“!

Присутните ќе бидат поздравени од организаторите, потоа просториите на Клубот ќе бидат осветени, следат поздрави од присутните гости, а потоа ќе се положи свежо цвеќе на спомениците на Димитар Благоев и Гоце Делчев, како и на спомен обележјето на Гоце Делчев во дворот на црквата.

Постави одговор

Your email address will not be published.