Извештај на ЕК: Нема напредок во административните процедури, доцнат реформите на администрацијата

Македонија останува умерено подготвена во однос на реформата на јавната администрација и постигна ограничен напредок во спроведувањето на препораките од минатата година, се посочува во најновиот Извештај на Европската комисија за напредокот на земјата во приближувањето кон ЕУ.

ЕК во забелешките посочува дека е одложено усвојувањето на законските решенија за организација и за работа на органите на државната управа, на нов закон за висока раководна служба, како и на новата правна рамка за управување со човечки ресурси, преку измени на законите за административни службеници и за вработените во јавните служби.

Според Комисијата, новата рамка е замислена да го подобри управувањето со човечките ресурси во администрацијата и да гарантира избор, унапредување и разрешување врз основа на заслуги, вклучително и на ниво на повисоките раководни функции.

– Со одредени доцнења продолжи имплементацијата на Стратегијата за реформа на јавната администрација за периодот 2018-2022 година, како и следењето и извештаите за нејзино спроведување. Целосно беа реализирани само дел од планираните активности. Во Министерството за информатичко општество и администрација се уште нема соодветно екипиран сектор за јавна администрација, кој би ги спроведувал реформите на техничко ниво. Дополнително, треба да се работи и на заложбите за зголемување на менаџерската одговорност, наведува Комисијата.

Еврокомисијата нагласува дека и покрај зголемените средства во Буџетот за спроведување на реформите во јавната администрација, сепак нивната имплементација о натаму во голема мерка зависи од финансии од донации.

Се посочува и дека во мај годинава Владата усвои нова методологија за подготовка, мониторинг и известување за секторските стратегии за подобрување на политиките за планирање, но се забележува дека и натаму останува недоволна улогата на владиниот Генерален секретаријат во координација и контрола на спроведувањето на поставените цели.

– Во јуни 2021 година е донесена нова Национална програма за усогласување со законодавството на ЕУ (Acquis) за периодот 2021-2025 година, која произлегува од ревидираната методологија за проширување на Унијата, наведува Еврокомисијата, посочувајќи дека иако напредокот во реформите поврзани со ЕУ се разгледуваат на секоја владина седница, сепак се уште не е објавен извештај за нивното спроведување.

Во извештајот се посочува дека се уште има државни институции кои не ги дигитализирале своите регистри, што влијае врз квалитетот на административните податоци, па се препорачува проширување и поедноставување на начинот на нивно презентирање со цел да можат поконзистентно да се користи во процесот на носењето одлуки.

– Министерството за информатичко општество и администрација, треба да ги зајакне своите капацитет за спроведување поефективна и поконзистентна контрола на квалитетот, смета Европската комисија.

Во Извештајот се посочува дека повеќето административни услуги за граѓаните и деловните субјекти се нудат и во живо и онлајн преку националниот е-портал за услуги, но дека не е остварен напредок во поедноставувањето на административните процедури, а и Законот за општи управни постапки се уште не е системски имплементиран во јавната администрацијата.

– Во тек е надградба на е-порталот за да се обезбедат 135 нови услуги, во обид да се развие систем ориентиран кон обезбедување услуги на корисниците. Бројката и на регистрирани корисници и на извршени услуги на порталот е зголемена во 2021 година, но таа сепак е под очекувањата. Државните институции кои нудат услуги за граѓаните треба да покажат поголема посветеност на обезбедувањето услуги преку е-порталот, наведува Европската комисија, посочувајќи дека Владата ги охрабрила сите државни институции да ја искористат рамката за интероперабилност со полн потенцијал.

Комисијата потенцира и дека препораките наведени во минатогодишниот извештај не биле целосно исполнети, па тие остануваат да важат и за оваа година.

– Во наредниот период земјата треба особено да работи на усвојување на законот за административни службеници, законот за вработените во јавните служби и законот за висока раководна служба и нивна примена, на донесување на закон за организација и работа на органите на државната управа и на подзаконски акти спроведување на новата организација на органите на државната управа, како и старт на нивна имплементација и да обезбеди целосна имплементација на законот за општи управни постапки со фокус на електронската размена на документи, се посочува во Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава за 2022 година.

Извор: МИА

Постави одговор

Your email address will not be published.