Ванковска: Она „слободно нека творат“ на Министерката звучи како закана!

Во врска со изјавите на Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска за уметниците, творењето и цензурата, на својот профил се јави и професорката Билјана Ванковска. Еве како таа ја толкува изјавата на Министерката:

„Е сега кога ја слушнав министерката за култура, она со китарата и Васко Жабата ми има поголема смисла. Таа всушност сака уметниците да го расположуваат народот.

„Слободно нека творат. Но, да се твори во духот кон тоа што ќе ги расположи народот и публиката. Не нешто што повторно ќе го врати народот назад, кон едни мрачни времиња каде што навистина не видовме ништо добро“, пишува министерката за култура.

Она „слободно нека творат“ звучи како закана“, напиша Ванковска.

А имаше коментар и за дообјаснувањето на Министерката откако нејзината првична изјава беше проследена со лавина негативни коментари од јавноста:

„Госпоѓа министерка уште и се дообјаснува! Не сме ја разбрале добро! И замислете, таа ЛИЧНО гарантира дека немало да има цензура – ДОДЕКА Е ТАА МИНИСТЕРКА!!! Значи, батали Устав, батали човекови права, чувај ја Бисера на министерско место“!