Тони Стојановски: Колку и да се обидувате да нè сотрете, нема да успеете, Македонија НЕ Е НА ПРОДАЖБА
Среќен сум и тажен. Среќен сум затоа што Божјата волја беше да се родам во Македонската лулка. А тажен бидејќи сите ние заедно споделувајќи ја радоста што му припаѓаме на овој народ, сутуку и севезден некому му се објаснуваме и докажуваме, се што имаме и од неа никогаш и под никакви услови нема да се откажеме, порача коментаторот Тони Стојановски на денешниот протест.
Стојановски пред присутните порача дека македонскиот народ е добродушен, но не и наивен, како и дека туѓото го почитуваме,
„Ќе слушнат дека ние се родивме, живееме и ќе умреме во Македонија. Добродушни сме но, наивни не сме. Зло не мислиме, но зло повеќе не трпиме. На секој предлог, договор и услов кој што постои за нас ќе одговориме со НЕ, НЕ и уште една НЕ. Туѓото го почитуваме, добрата волја ја цениме, но вечерва овде, а и утре и задутре ако треба и во еоните ќе испратиме лавовски крик за да се разбуди исконот кај заспаните меѓу нас“, рече тој.
Стојаноски потенцираше дека македонскиот народ е исправен пред тешка задача и токму поради тоа од платото пред Владата порача нон пасаран.
„Македонци мои ние сме исправени пред тешка задача. Да љубиме безусловно а да ни поставуваат услови. Да почитуваме безгранично, а да ни поставуваат граници. Да сме подготвени на компромиси, а да ни нудат ропство. Вечерва им велиме NO PASSARAN“, истакна тој.
„Подадовме рака, ни ја бараат душата. А има ли цена душата? Колку гроша вреди крвта на предците, колку милиони вреди комфорот на наследниците? Ќе ги има ли воопшто ако се продадеме“, праша Стојановски.
Стојановски изјави дека колку и да се обидуваат од државниот врв нарекувајќи ги самопрокламирани визионери, нема не можат да ја сотрат Македонија.
„Само безумните може да веруваат дека иднината се менува на подобро со капитулантски потпис со откажување од претходната и со условување на следната генерација. И затоа наша обврска е повторно да им кажеме НЕ, Македонија НЕ БИЛА, НЕ Е И НИКОГАШ НЕМА ДА БИДЕ НА ПРОДАЖБА. Не можат да ја сотрат Македонија, па колку и да сакаат да ја продаваат. Оваа држава Македонија настана со револуција, не една туку повеќе, со јасна историска постојаност. И затоа оваа држава Македонија нема да падне со еволуција на таканаречените европски вредности, туку ако паднеме ние Македонците ќе паднеме од гола сила. А и тоа нема да биде лесно, ниту ќе биде со наша добра волја, ниту ќе биде со потпис на кој било самопрокламиран визионер од државното раководство. Отпорот ќе биде секогаш и засекаде а победата е загарантирана затоа што Македонија, Македонците, македонскиот јазик и историја, култура и идентитет се единствената вистина. Македонци мои вистината се брише само со сила. Но колку и тие да се држат до силата ние нема да отстапиме од вистината“, порача Стојановски.