Тагесшпигел пренесува за огромен скандал: Најмалку девет жени жртви на „дрога за силување“ на прослава на која бил и Канцеларот на Германија Шолц

Најмалку девет жени учеснички на забава организирана од германската Социјалдемократска партија (СПД), на која бил и канцеларот Олаф Шолц, биле дрогирани со супстанција позната како „дрога за силување“, објави СПД.

Портпаролот на партиската пратеничка група во парламентот го потврди пишувањето на берлинскиот весник Тагесшпигел и додаде дека досега се потврдени девет жртви.

Берлинската полиција соопшти дека истражува тешки телесни повреди откако една 21-годишна жена поднела пријава.

„Ги советувам сите засегнати да покренат тужба“, напиша на Твитер една од лидерите на СПД, Катја Маст.

Во мејлот упатен до учесниците на таа летна прослава одржана во средата, СПД го осудува „страшниот чин, кој веднаш беше пријавен во полиција“.

Околу илјада луѓе беа на традиционалната прослава што СПД ја организира пред летниот одмор, а меѓу нив бил и Шолц, како и голем број други пратеници и соработници.

Берлинската полиција соопшти дека по „прославата организирана од политичка партија“, 21-годишна жена пријавила дека не се сеќава на никакви детали од вечерната забава следниот ден.

Таа се пријавила во болница на преглед и поднела жалба. Младата жена консумирала храна на забавата и пиела безалкохолен пијалак кога наеднаш почувствувала слабост и вртоглавица.

Досега полицијата е известена за уште четири вакви случаи.

„Дрогата за силување“ предизвикува гадење и вртоглавица и генерално се става во пијалаци и предизвикува смирување со хипнотичко дејство (поспаност), така што личноста да не може да даде отпор и да може да биде силувана или да се употреби некој друг чин на агресија.

Во 2021 година во Берлин биле пријавени 22 случаи на агресија со „дрога за силување“, пишува весникот Берлинер цајтунг.

Сепак, реалниот број на жртви е далеку поголем, бидејќи многумина не можат да се сетат на настаните или се срамат да поднесат тужба.