Соработник на Мухамед Зекири од Хрватска е уапсен во Словенија, чека екстрадиција во Македонија
По барање на македонските власти, во Словенија е уапсен и сместен во екстрадициски притвор Даниел Иванагиќ, хрватски државјанин и ко-сопственик на компанијата Интерхолдинг, вмешана во случајот со поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зекири.
Како што објави Еспресо.мк, се чека одлука за екстрадиција на Иванагиќ во Македонија.
Меѓутоа, откако на Зекири му е одреден куќен притвор од здравствени причини, откако речиси еден месец беше на Инфективната клиника во Скопје поради труење, одбраната на Иванагиќ се обидува да ја спречи екстрадицијата, повикувајќи се на извештаите за лошите услови во македонските затвори, пишува Еспресо.
Иванагиќ е осомничен за помагање на Зекири во наводната злоупотреба на службената положба и овластувања при изработката на студија за реструктуирање на Македонска пошта. Зекири негира дека во овој случај има каква било злоупотреба на службената положба.
Обвинителството сѐ уште работи на прибирање на доказите и чека на исказите на Иванагиќ.
Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на 8 април соопшти дека е донесена наредба за спроведување на истражна постапка против двајца хрватски државјани и против, тогашниот генерален секретар на Владата.