Поднесена е пријава до ДКСК за Костадин Ацевски за скандалозната набавка на битумен

„Денеска до ДКСК, поднесовме претставка за набавката на битумен од Костадин Ацевски, кадар на СДСМ, во име на Македонија пат. Ацевски потпишал договор во којшто од тендер вреден 10 милиони евра, прифатил само за транспорт да плати 4,5 милиони евра, речиси половина од овој тендер се за транспорт, рече во изјава за медиумите“, портпаролот на ВМРО ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

„Во прилог на оваа претставка го поднесовме и договорот за јавната набавка, каде што се гледа методологијата, според која што има фиксен и променлив дел. Променлив дел е цената на битуменот, заради берзанските цени, додека фиксниот дел се однесува на транспортот, маржите и давачките, и којшто дел всушност ја определуваат најповолната понуда на тендерот за вакви набавки.

Потсетуваме и на прес конференцијата на Костадин Ацевски на којашто самиот вели дека била користена поинаква методологија при избор на понудувач, иако во договорот јасно стои поделбата на „фиксен и на променлив дел“, односно точно колку чини транспортот и услугите, без цената на битуменот при овој тендер.

На истата прес конференција, Ацевски призна дека имал само еден понудувач со толкаво нереално побарување за транспорт и за услуги.
Во поднесокот посочуваме и на споредбената документација за набавка на битумен, по иста методологија,но од ЈП Улици и патишта, од Скопје, каде што се гледа дека за истите услуги, за транспорт, цената е десеткувана.

Почитувани, случајот е јасен, има еден понудувач со нереална цена, во услови на криза, за тендер во којшто речиси половина од парите одат за услуги и за транспорт.
Законот за јавни набавки е дециден и членот 114, насочува дека ако нема прифатлива понуда, или ако има понуда со цени понеповолни од пазарните цени, Договорниот орган, во случајот „Македонија пат“, може да ја поништи постапката за јавната набавка.

Костадин Ацевски бил должен оваа јавна набавка да ја прекине. Но, тој ја потпишал, споредбено со приложениот пример од ЈП од Скопје, со дури 1000% поголема, нереална сума за транспорт.
Очекуваме ДКСК но и ЈО најитно да отворат предмет и да дадат одговор за овој случај.
Но, истовремено, овие институции да наложат прекинување или поништување на оваа постапка, за што имаат мандат, и да одговорат на логичното прашање каде завршиле или би завршиле овие пари?
Македонија е земја во којашто власта е киднапирана и се вршат предавства само и само за злоупотреби, криминал и лична корист. Институциите мора да почнат да работат, се друго е соучество во криминалот. Ова мора да има крај“, рече Стоилковски.