Силјановска Давкова по нападот во Собрание: Правото на говор нам ни е оневозможено- Со Закон за работни односи не можете да регулирате пензионирање на судии и јавни обвинители
„Сакам да ве известам дека тукушто го информирав господинот Илхан Ќучук канејќи го на седницата, оној кој што е главен во процесот Жан Моне дека овде се случува Жан Клод Ван Дам процес и дека треба тоа да го види и Медијаст рест. Јас сум една од неколкуте пратенички и пратеници кои два дена креваат рака, барајќи збор но не го добиваат“, истакна Гордана Силјановска Давкова, пратеничка на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
„Значи, не може да ставите дневен ред на гласање доколку има пријавени за дискусија и за процедурални забелешки. Еве зошто. Членот 29 од деловникот вели дека пратеникот има право и должност да присуствува на седницата на Собранието и на работните тела и да учествува во работата и одлучувањето. Тоа не се однесува само на координаторите бидејќи има 4 координатори, 21 комисија.
Што вели членот 121 став 4 од Деловникот? Дека дури и пратеник кој не е член на работата на комисијата, а јас сум заменик член има право да присуствува на седницата на работното тело и да учествува во неговата работа без право на одлучување. Но, како што гледате правото на говор нам ни е оневозможено.
Вчера напразно претседателот сакаше да каже дека се завршени процедуралните забелешки и дека преминуваме замислете на амандмани иако воопшто никој, ни министер ни заменикот не нè запознале ни со самата содржина на законот.
Што спориме ние?
Прво, законот воопшто не може да биде донесен со европско знаме, бидејќи по членот 135 од Деловникот, кога предлогот на законот содржи одредби со кои се врчи усогласување со правото на ЕУ, со директиви и регулативи тогаш во воведот се наведуваат и податоците за изворниот акт на ЕУ со полн назив, број и датум. Згора, со предлогот на законот се поднесува и изјава за усогласеност потпишана од надлежниот министер и се наведува правниот акт на ЕУ со кој е извршено усогласувањето. Ако ова го нема, Претседателот на Собранието е должен да го врати предлог законот и да побара во рок од 15 дена да се направи согласно одредбите што ги кажав. Но се разбира тимот Талат Џафери и Арбер Адеми функционира поинаку односно го злоупотребува законот.
Еве зошто овој закон не може да биде со европско знаме.можете да го отворите законот и во преглед на регулативи од други правни сисстеми и усогласеност со правото на ЕУ пишува „предлог законот е усогласен со препораките на оценската мисија за судска обука со основните начела на ООН број 94/12со Европската повелба за статусот на судиите и со Европската конвенција за човекови права“. Ниту еден од овие документи не извор на европското право, ниту е директива ниту е регулатива. Доказ? Свртете на изјавата за усогласеност на овој закон со законодавството на ЕУ, на коресподентната табела, се е празно. Значи, нема основ.
Сега најважното.
Што е споново овој закон?
Со Закон за работни односи не можете да регулирате пензионирање на судии и јавни обвинители. Всушност, самиот Закон за работни односи тоа прецизно го утврдува кога ќе го отворите членот 104кој што се однесува на пензионирањето со 62 односно 64 години, тој може поинаку да се уреди доколку со друг закон поинаку не е уредено. Тој друг закон е матичниот Закон за судии и јавни обвинители што се носи со двотретинско мнозинство.
Згора, ако отидете во Законот за судскиот совет тогаш ќе утврдите прво во амандманот 29, став 1, алинеја 1 на Уставот , судскиот совет ги избира и разрешува судиите и судиите поротници. Значи не може да одлучува за нивното пензионирање или одлагање на пензионирањето.
Единствениот закон кој што може оваа материја да ја регулира е Законот за судии и јавни обвинители.
Исто така би додала, зошто како lex specialis а не како lex generalis? Што е она што исто така е многу чудно. Кога ќе го отворите законот таму може да прочитате дека по исклучок од ставот 1 на овој член, тој е оној со 62 и 64 години, Советот на судиите односно Советот на јавните обвинители може да одлучи да се продолжи работниот век на судиите и јавните обвинители до 67 години возраст. Директно спротивно од законското решение на Законот за судии и јавни обвинители, директно спротивно и на Законот за работни односи бидејќи тој не вели ако со друг член не е утврдено поинаку туку вели само ако поинаку е утврдено во друг закон односно во lex specialis.
Второто, уште пострашно. Пазете, „продолжувањето на работниот однос од овој член ќе се однесува и на оние судии и јавни обвинители кои навршиле 64 години и чии работен однос им бил продолжен до 30 јуни 2022 година“. Затоа е оваа трка, до 30 јуни. Ама ако нема правен основ како тоа им го продолжил работниот однос на овие судии.
И најстрашно уште на крај, вели дека одредбите од овој закон со кои се дополнува членот 14 што го цитирав ќе се применуваат три години од денот на влегувањето на сила на овој закон. Ние немаме таканаречено сансет законодавство за една или две години туку законите важат ерга омнес и имаат неограничено временско правно дејство. Значи овде е јасно дека има неуставност.
Замислете згора, целиот предлог закон е спротивен на членот 9 од Уставот. Недискриминација. Зошто утврдува дека Судскиот совет односно Советот на јавни обвинители може да продолжи нечиј мандат, како е тоа можно.
Затоа сакем овој закон да оди по редовна постапка, затоа сакаме да покажеме дека оваа материја треба да се регулира во Законот за судии и јавни обвинители, а не во Законот за работни односи“, додава Силјановска Давкова.