Трипуновски: Владата и владејачкото мнозинство да не калкулираат и да ги поддржат мерките на земјоделците, поднесени од земјоделските здруженија
Почитувани,
Земјоделците се помеѓу најпогодените од енергетската криза во државата.
Високата цена на горивата, која пред се е и заради големата акциза, која за време на СДСМ во изминативе неколку години порасна за нови 13,13 денари го зголемува трошокот за производство. Козметичката мерка која ја донесе владата, а се однесува на намалување на акцизата за 30% не е целосна, затоа што горивата се повторно екстремно високи, што ќе допринесе до намалување на засадените површини со што ќе се јави недостаток на домашна храна, а увозната ќе биде со неколку пати повисоки цени односно ова сериозно дополнително ќе се одрази на семејниот буџет кај сите граѓани во Република Македонија.
Дополнително како резултат на скокот на цената на гасот дојде и до покачување на цената на вештачките ѓубрива на светските берзи, и сега имаме и до 100% поскапо вештачко ѓубриво, кое е пак е од круцијално значење за земјоделското производство.
Зголемените трошоци во земјоделското производство се само половина од проблемот со кои што се соочува и допрва ќе се соочуваат македонските земјоделци. Имено во голема мера се нарушени пазарите за пласман, бидејќи македонските раноградинарски култури како и овошјето во значајна мера завршуваа во Русија. Ова ќе значи значително помал извоз и нарушување на пазарот.
Од сите овие причини, ВМРО-ДПМНЕ ги поддржува мерките за помош на земјоделците, кои се поднесени од земјоделските здруженија до владата на Република Македонија и тоа:
1.ЗЕЛЕНА НАФТА – Да важи за сите земјоделски гранки и да биде 100% ослободена од акциза и ДДВ, како и промена на досегашната методологија со нова во која исплатата ќе биде по литар по единица површина.
2.Итно процентуално зголемување на субвенциите во сите земјоделски гранки со процентуалното зголемување на производните трошоците и нивна исплата пред секоја производна сезона.
3.Субвенционирање на вештачките ѓубрива во сите земјоделски гранки и укинување на ДДВ за сите вештачки ѓубрива и хемиски препарати кои што се употребуваат во земјоделското производство.
4.Ослободување од надоместокот за концесија за 2022 година за корисниците на државно земјоделско земјиште, како и ослободување од пашарина, наводнување и одводнување.
5.Субвенционирање на придонесите на сите регистрирани земјоделци во државата.
6.Под ИТНО да се изнајдат алтернативни пазари за пласман на сите земјоделски производи кои што ги произведува нашата државата.
Почитувани,
Апелираме владата и владејачкото мнозинство да не калкулираат и да ги поддржат сите овие мерки за доброто и за земјоделците, но и за државата.