Силјановска – Давкова: Посакувам феминистички бранови да прераснат во ЖЕНСКА БУРА! ЧЕСТИТ 8-ми МАРТ, празник на ХРАБРИТЕ ЖЕНИ во сеуште машкиот свет!

8 -ми март, ден на ЖЕНИТЕ: тони цвеќиња, неброени (не)искрени машки честитки, бесмислени прослави, по некоја дебата за женските права како човекови права, со поздравна реч на некој „ владетел“ кој ќе глаголи за “ginger”/gender balance, малку автентични женски протести.

Македонската политика останува машка, иако е од ЖЕНСКИ род. Кај што е моќта, таму се мажите – во владата, но и и на клучните позиции во судството, економијата, МАНУ, образованието и универзитетите, здравството….

Четирите министерки и двете заменички, наспроти шеснаесетина па и повеќе мажи се повеќе политички декор, одошто демократски баланс.

Само две жени градоначалнички се капка во машкото море. Колку да се стори ред, вели народот. Во собранието пак, пристојна бројка од педесет жени: навидум, потенцијална критичка маса на женски ум, женска мисла, женски збор и женско писмо, женско знаење, женска политичка креација. Но, бројката (о)станува маса во отуство на храброст да се премине партискиот Рубикон и да се гласа „против“ доминантно машката понуда дури и кога е очигледно интелектуално, професионално и етички импотентна, што оневозможува да запливаме во стилот на „ пеперутка“ во матните (не)демократските политички води.

Како да се ближи крајот на Ковид- 19 кризата: се бројат жртвите, физички и психички повредените, осиромашените…. И…повторно, најранливите, меѓу кои и жените се најпогодените, како и во секоја друга криза.

Се чини дека, пак, како во “ Декамерон“ на Бокачо, НИЕ- ЖЕНИТЕ ќе доминираме како нараторки на стотина новели, повеќе трагични, одошто еротични. Се надевам дека зад нив барем ќе застане некоја АВТОРКА, на која и се познати и блиски феминистичките бранови, персонифицирани во Мери Волстоункрафт, Бети Фридан, Кејт Милет…..

Посакувам феминистички бранови да прераснат во ЖЕНСКА БУРА, оти за мене, ПОЛИТИЧКОТО НЕ Е ЛИЧНО!

Сепак, ЧЕСТИТ 8-ми МАРТ, празник на ХРАБРИТЕ ЖЕНИ во сеуште машкиот свет!