Израелскиот премиер Бенет се сретна со Путин во Москва

Israeli Prime Minister Naftali Bennett attends a cabinet meeting in Jerusalem, on February 27.

Израелскиот премиер Нафтали Бенет денес се сретна со рускиот претседател Владимир Путин во Москва, средба која траела околу три часа, изјави израелски официјален претставник.

Ненајавената средба се одржа со благослов на американската администрација, се вели во соопштението на Кабинетот на израелскиот премиер.

Израелскиот претставник рече дека дипломатскиот притисок на Бенет бил координиран и со Германија и Франција и додаде дека израелскиот лидер „е во тековен дијалог со Украина“.

По завршувањето на состанокот во Москва, Бенет сега е на пат за Берлин на средба со германскиот канцелар Олаф Шолц, рече израелскиот претставник.

Пред три дена, Бенет одржа одвоени телефонски разговори и со Путин и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Зеленски апелираше до Израел да посредува во напорите да се постигне прекин на огнот.

Додека Израел ја осуди руската инвазија во коментарите на министерот за надворешни работи Јаир Лапид, самиот Бенет избегна директна критика на Русија или Путин.

Израел се обиде да одржува добри односи со Русија во последниве години за да може да продолжи со воздушните напади врз ирански цели во Сирија – што Израел го смета за критично за да се спречи трансферот на прецизно наведувана ракетна технологија на Хезболах.