Инфлацијата во Македонија подолг период е повисока од очекуваното, пред неколку дена соопшти Мисијата на Меѓународниот Фонд(ММФ), а Народната банка во своето соопштение напиша дека од ММФ ѝ е препорачано будно да ги следи состојбите и ако е потребно навремено да интервенира со мерки. Пред две години инфлацијата беше нула проценти, минатиот месец се искачи на 6,7, значително е повисока од инфлацијата во Еврозоната. Од 1 март цените на дел од основните намирници кои беа замрзнати поради општата и енергетската криза, ќе бидат одмрзнати, што може да доведе до посилен ифлаторен удар.
Поради пандемијата и енергетската криза инфлација има секаде, но во Македонија е со уште повисока стапка. Во земјава денарот со децении е стабилен во однос на еврото, курсот и сега се чини е стабилен, но податоците за инфлацијата внесуваат неизвесност. Затоа и ММФ ќе препорача Народната банка на Македонија да подготвува мерки доколку ваквите трендови продолжат.
Во Македонија расте инфлацијата во последниот период и во јануари изнесува 6,7 проценти, а како што може да се забележи од илустрацијата, на графиконот се гледа дека и натаму е во раст, додека инфлацијата во Еврозоната е во пад. Во јануари таму изнесувала 5,1 отсто, што е значително пониско од македонската инфлација.
Нов удар ќе предизвика и одмрзнувањето на цените од 1 март. Да не го сметаме порастот на електричната и топлинската енергија. Според економистите, Владата многу потфрли со ненавремено снабдување на државата до енергенси.
Предвидувањата на ММФ се дека можеби во втората половина од годинава инфлацијата ќе започне да се намалува, но предупредува дека тоа ќе зависи од домашните мерки.
„Во согласност со глобалните трендови, повисоката инфлација веројатно ќе се задржи подолго во однос на претходните очекувања, намалувајќи се во текот на втората половина на 2022 година. Во наредниот период, Народната банка треба будно да ги следи движењата и потенцијалните ризици, нагласувајќи ја подготвеноста за реакција доколку е потребно”, вели мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Извештајот за земјава.