Мицкоски: Овие 1.090 проекти кои се работат за првите 100 дена, ќе беа најмалку дупло повеќе да не беа хаосот, корупцијата, презадолжените општини кои започнавме да ги менуваме

Драги пријатели,

          Почитувани градоначалници, советници, уважени гости,

Денес токму во градот на конзулите правиме отчет за сработеното во кои се опфатени општините од Пелагонискиот регион, а кои се управувани или водени изминативе 100 дена од градоначалници кои што беа избрани од страна на жителите во тие општини од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. И овој отчет денес се реализира само поради фактот што ВМРО-ДПМНЕ има што да престави за својата работа, за своите први 100 дена и затоа што градоначалниците се тука за граѓаните.

Можам да кажам дека овие луѓе со својата работа демонстрираат на дело промени кои се заблежуваат, промени кои ја менуваат наследената реалност, промени со кои им помагаат на граѓаните во секојдневниот живот. Но отчетот е доказ за нашата посветеност кон работата, но и фактот дека ние од народот не бегаме, и во добро и во лошо, заедно низ бури и искушенија.

Овие повеќе од 1.090 проекти на кои се работи, ќе беа најмалку двојно повеќе да не беа хаосот, безредието, затворените општини, корупцијата, енормно презадолжените општини, неработата, неспособноста кои започнавме да ги менуваме, а ги затекнавме со преземањето на општините.

Овие 100 дена се сублимат на многу мали, но еднакво вредни победи за сите нас. Но и големи проекти за кои треба волја, но и знаење. А, вие самите знаете дека никогаш не ветувавме чуда, но се чувствува дека носиме ПРОМЕНИ ШТО ЈА МЕНУВААТ СЕГАШНОСТА, ПРОМЕНИ КОИ ШТО НОСАТ ИДНИНА и промени за кои сите заедно се бориме.

Ние ПОКАЖАВМЕ ДЕКА УМЕЕМЕ, И МОЖЕМЕ. И тука има нешто што тие го немаат. Нови луѓе, со нова енергија и план кој го содржи клучот – работа, посветеност и визија.

Во изминатите 100 дена започнавме повеќе од 1.090 проекти. Или точната бројка е 1.093 за 100 дена. Започнати се со реализација 166 капитални објекти низ целата територија на Македонија.

Започнати се со проектирање, градба или реконструкција на нови 33 градинки и 68 училишта. Точно 206 улици и патишта се градат или реконструираат со вкупна должина од околу 100 километри. Се инвестира во градба на 111 водоводи и канализации, 96 игралишта и паркови. А, расчистени се повеќе од 200 диви депонии.

И кога сето ова ќе го кажеме на власта пред нив, затоа што тие практично имаат градоначалници во повеќе од 20 општини СДСМ и ДУИ заедно, но изминативе 100 дена ниту отчет видовме, ниту пак некој од нив излезе и кажа што сработеа изминативе 100 дена. И затоа од оваа прилика овде во градот на конзулите во Битола сакам да им порачам дека колку повеќе тие измислуваат и критикуваат и омаловажуваат тоа што е сработено изминативе 100 дена толку подлабоко тонат во очите на граѓаните. А, тоа ќе го почувствуваат на следниве предвремени парламентарни избори, кога граѓаните конечно еднаш засекогаш ќе стават крај на оваа измамничка и криминална коалиција преводена од ДУИ а администриран од СДСМ.

И затоа освен со насмевка за нивната весела математика има тука и по малку чувство на завидливост. Се сеќавате на оној израз завидлизам кај власта, затоа што толку многу се работи, а тие практично стојат и освен тоа што завидуваат и критикуваат буквално ништо друго не работат. И затоа само ќе одговорам има и многу други проекти како што се изградени пешачки и велосипедски патеки, отпочнати процедури, завршени легализации на дворови кои што се кочеле меѓудругото со години. На пример само овде во Битола се такви повеќе од 1.100 решенија за легализација кои биле блокирани изминативе години. А, зашто биле блокирани навистина не можам да разберам. И за кои не чувствуваме дека треба да ги броиме, туку сработиме и затоа едноставно ќе порачам ги поканувам тие од власта да дојдат на еден од отчетите и да се уверат во реализираното.

И имајќи ги во предвид сите овие проекти кои ги споменав секој си го поставува прашањето дали сето ова е доволно? Секако дека потребно е повеќе и дека е потребно уште подобро. И ние тука не застануваме. И ние НЕМА ДА ВЕ ИЗНЕВЕРИМЕ! Бевме заедно кога имаше и поплави, и кога имаше пожари, и кога тутунот не се откупуваше и кога за жал оваа влада ги затвораше вратите за народот. Ние пак заедно со народот, со луѓето на Македонија од сите вери и нации се боревме за нашата заедничка иднина, за подобар живот.

          Затоа продолжуваме да работиме за ПРОМЕНИ КОИ МОРА ДА СЕ ПОДЛАБОКИ И ПОШИРОКИ!

          И ова е почетокот за нашата заедничка визија за иднината за која се бориме и иднината која секој еден граѓанин во нашата Македонија ја заслужува, за градоначалници кои се вашиот глас во институциите и државата, за политичари копи ссе вашата сила во општеството кое мораме да го менуваме.

          ЗАЕДНО ДО ЦЕЛТА. Заедно во нови успеси и проекти.

          Ги менуваме општините. Новите градоначлалници носат проекти и промени кои буквално се чувствуваат и гледаат. И да ако некој прашува дали ќе се избориме, ќе се избориме за нови победи. Надежта е родена и таа ќе победи. Затоа што наша задача и наша обврска се ПРОМЕНИТЕ КОИ ШТО НОСАТ ИДНИНА за секој еден граѓанин во нашата Македонија!

          А локалната самоуправа, општините се крвоток на слободата во една држава, и тоа е островот од кој започнуваат промените за иднината за која се бориме за секој еден човек во Македонија.

          Драги пријатели,

Иднината во која веруваме мора да дојде преку промени. Длабоки и брзи, затоа што реалноста станува се потешка и потешка од ден на ден. Главниот удар врз народот се инфлацијата, ниските плати, а високите цени на производи. И сите оние од власта кои велеа дека покачувањето на цената на струјата било симболично и дека го спасиле народот од огромно покачување, и затоа треба да бидат среќни и задоволни од постојното, нека ги прашаат домаќинствата, нека ги прашаат граѓаните кои ја добија сметката за струја за последниот месец. Ако плаќале 8 илјади денари минатиот месец, овој месец таа изнесува повеќе од 14 илјади денари. Ако плаќале 6 илјади денари, таа сега е повеќе 9 илјади денари. И не е само струјата за домаќинствата, поради негрижата на владата можно е покачување и на цената на водата, затоа што повисоката цена на струја предизвика зголемени трошоци за снабдување на водата која неминовно може да доведе до покачување на нејзината цена која на крајот повторно поради неспособната Влада ќе ја плати народот.

А, што прави владата? Владата глуми преговори со некои здруженија, новоформирани организации и симулира социјален и економски дијалог, во исто време кога во Собранието директно ги одбива предлозите за покачување на пензиите на пензионерите, платите на наставниците и останатите вработени во јавниот сектор. И симулирајќи некакви наводни преговори со наклонетите здруженија по некоја недела ќе прочитате постигнат е договор за некакви банални барања во кои ќе имате гол популизам, но не и вистинско решение. Во Собранието се расправа за измени на законот за наставници, закон кој не предивува зголемување на платите туку давање на можноста за нова партизација, во исто време кога пред некој ден го одбија предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за усогласување на платите и нивниот раст, правеа обид за повторна партизација на образованието. Затоа еве од овде, од Битола, од градот на конзулите, ја повикувам Владата да го прифати покачувањето на пензиите и платите кое го предлагаме, а ВМРО-ДПМНЕ јавно ќе го пофали таквиот чекор и ќе се откажеме од сите наши заслуги, ние не сме важни, ниту јас, ниту пратеничката група, ниту од крајот на денот ВМРО-ДПМНЕ бидејќи народот е важен. Ова наше барање не е поради популизам туку поради вистинската грижа за народот, само да им се помогне на граѓаните. Затоа предлагаме еве нека ги прифатат сите измени кои што ги предлагаме и за пензионерите, и за вработените во јавниот сектор, и за вработените во градинките, и во основните и во средните училишта, и на универзитетите, и нека ги земат слободно сите заслуги, нека биде тоа Бујар Османи, нека биде Али Ахмети, нека биде Артан Груби, нека биде Крешник Бектеши, нека биде администраторот Ковачевски заслужен, само нека работат во корист на народот и за интересите на народот.

Доста е тапкање во едно место. Мора да одиме напред, да одиме цврсто, мораме да донесеме иднина на нашата Македонија. Со мобилизација на голем број на млади умови, мудри глави, еминентни личности. ВМРО-ДПМНЕ не застанува тука, допрва доаѓа вистинската преродба, вистинските промени за иднината во која веруваме и за која сите заедно се бориме и ќе се избориме.

          Драги пријатели,

          Би сакал да кажам збор два и за она што во овој момент преставува главна политичка тема, а тоа е спорот со Бугарија. Ковачевски, претседателот на македонската влада пропушти историска прилика да постигне национално единство на кое што повикував, и кое не случајно го понудив.

          Националното единство е нужност затоа што информациите со кои што располагам укажуваат на тоа дека во игра е многу повеќе од само промена на македонскиот Устав, а со цел вклучување на бугарското малцинство во Македонија во тој Устав.  И во таква една ситуација сметам дека е политички зрело и државнички кога веќе на тоа не се осудува првиот човек на владата, јас да сум тој кој што ќе повика на национално единство. Ковачевски со тоа што одбива можност за национално единство за прашањето со Бугарија, практично пропушта можност едногласно да ги зациментираме позициите за заштита на националните, државни идентитетски линии. Ваквиот договор за национално единство околу ова прашање не значи дека и утре, и деновите потоа нема да критикуваме за погрешните политики на оваа Влада, но тоа значи дека и македонската опозиција, и пред се ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија заедно со македонската влада ќе штитат идентитет, историја и јазик. Ваквото одбивање на подадената рака за национално единство значи само едно, дека Ковачевски наместо во коалиција со народот и на страна на државните и национални интереси, е во коалиција со Бугарија и продолжува да биде слеп послушник и застапник на политиките на заевизмот, политика која што кај нас веќе е жестоко поразена од народот. И практично тој поддржува се она што тие бараат.

И тука морам јавно да изразам сомневање дека барањата на Бугарија и она за што преговара Ковачевски е многу подлабоко отколку промена на Уставот и вметнување на бугарското малцинство во него, туку на маса е и македонскиот јазик, историја и постоење на македонскиот народ во историска и политичка смисла и контекст. И во таква една ситуација пресметката на заевизмот и Ковачевски како негов најистурен експонент е одбегнување на национално единство што ќе ги штити црвените линии, постигнување на договор со Бугарија за чие неприфаќање единствено ќе биде посочено со прст за виновно ВМРО-ДПМНЕ, а тоа во јавноста лажно ќе се престави дека е решение кое доколку е отфрлено вие сте против ЕУ, а доколку нормално го прифатите тоа предавство кое што го подготвува заевизмот и неговиот слеп послушник тогаш сте за ЕУ. Независно што едното со друго нема никаква врска и тоа што оваа кнедла која се подготвува во кујните на заевизмот ќе биде идентитетски разорна за постоењето на нашиот народ и држава. Дека зад ова сценарио за одбивање на обединување околу националните прашања седат ваквите мотиви доказ е и одбегнувањето на власта да не ја поддржи Декларацијата во Парламентот за титанот Гоце Делчев, пред се поради стравот на Ковачевски да не се налути Бугарија кој е поголем од желбата за почит кон великанот. И јас немам намера да трошам енергија на ваквата кусогледост на власта, но државнички, зрело и одговорно кон својот народ и иднината која ја заслужуваме е да подадам рака повторно да ја оставам вратата отворена за национално единство и обединување за одбрана на националните интереси, заштита на нашиот македонски јазик и посебност, и како такви да почнеме час поскоро преговори со Европската Унија и напредок на тој пат и покрај сите сериозни недостатоци во поглед на реформи и дневни аномалии кои како општество за жал ги имаме. Иднината ќе биде наша доколку и иницијативата биде наша, доколку се држиме заедно и доколку се бориме заедно. Верувам дека може да се постигне разумен напредок кој нема да биде потценување на едните за сметка на другите, туку разумно решение кое ќе ги рефлектира нашите европски аспирации, но и подготвеноста на нашиот источен сосед да помогне на држава сосед, на држава пријател и држава чиј главен интерес е иднината на македонскиот народ и на граѓаните во Македонија. Македонија историски и цивилизациски е мирољубива земја, со космополитски карактер, и секогаш била дел од Европа во која уште веруваме и ги споделуваме тие вредности. Потреба е надеж на овој народ, на граѓаните на Македонија и таа надеж мора да биде возвратена, почитувана и вреднувана.

          Драги пријатели,

          Овие промени кои ги направија за само 100 дена градоначалниците се искра надеж, но и огледало за тоа што можеме да направиме за нашата Македонија. Секое исправување, секој проект е една наша заедничка победа. А, таа победа е промената која треба да се случи за иднината на нашата Македонија. Тие мали победи се кимвалот на промените кои доаѓаат и кои мора да бидат организација, движење, организирана волја на сите слободни индивидуи, паметни млади и стари, десни, центар и леви, христијани, муслимани, атеисти. Затоа што е тоа е Македонија, една, наша заедничка, засекогаш. Борбата продолжува и победата е тука. За промени кои што носат иднина.

        Да сте ми живи и здрави!

        Да ни е вечна и вековита Македонија!