Мицевски: СДСМ и ДУИ го одбија предлогот за зголемување на пензиите
„Предлагам да се дополни Дневниот ред со точката предлог закон за дополнување на Законот за пензиско инвалидско осигурување по скратена постапка, поднесен од пратеничката група на 11.02.2022 година. Сметам дека пет дена за превод на три листа хартија беа доволни за да успееме овој материјал да го ставиме на Е- Парламент и да можеме денеска да дискутираме за една сериозна тема која што е од витално значење за околу 325.000 пензионери во државата“, истакна Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ на денешната собраниска седница.
Мицевски додаде дека поради зголемувањето на цените на одредени производи и на сметките на електрична енергија потребно е зголемување на пензиите на граѓаните за да опстојат.
„Имено, имајќи во предвид дека во изминатиов период има појава на пораст на цените на одредени производи и на електричната енергија, кои што се од витално значење на оваа категорија на граѓани има влијание на животниот стандард на истите. И се наметнува потреба од размислување за зголемувањето на старосната пензија и на сите останати видови на пензија“, појасни Мицевски.
Мицевски посочи дека како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата предлагаат сите видови на пензии согласно со законот се усогласат на начин што вкупниот износ на исплата на пензии за април 2022 година би се зголемила за 20% и се дели со вкупниот број на корисници на пензија кои што пензијата ја оствариле заклучно април 2022 година.
„Имаше одредени размислувања и тоа можат да се продискутираат на комисиска расправа доколку овој материјал го ставите како точка на Дневен ред на пленарна и на комисиска расправа, да има можност за зголемувањето на пензиите, односно по 3.000 денари зголемување на пензија на секој еден пензионер, како би била помала разликата помеѓу зголемувањето од 20%. Значи постојат многу опции кои што треба да се разгледаат меѓутоа очигледно е дека владејачкото мнозинство штом овој три страни материјал го преведува една недела, очигледно нема намера брзо да излезе во пресрет на пензионерите по однос на оваа проблематика“, рече Мицевски.
Мицевски укажа дека бара да се дополни Дневниот ред со точката предлог закон за дополнување на Законот за пензиско инвалидско осигурување по скратена постапка, и тоа да биде втора точка на Дневниот ред на самата седница. И така би можело да се излезе во пресрет на пензионерите кои што го чекаат ова зголемување како насушна потреба.
Владејачкото мнозинство гласаа против ставање на дневен ред точката предлог закон за дополнување на Законот за пензиско инвалидско осигурување по скратена постапка која се поднесе од страна на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата.