За 20 милиони денари намалени дотациите за детски градинки и училишта во Аеродром

Во претходната буџетска година општина Аеродром за трошоци за електрична енергија потрошила 12 милиони денари, од оваа година очекуваме просечна месечна сметка да ни биде 8 милиони денари, значи веќе е видлива суштинската разлика, односно согласно нашата проценка некаде околу 10 проценти од буџетот на општината ќе оди за струја. Тоа е фрапантен податок и тоа се стотици илјади евра, вели градоначалникот на општина Аеродром и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски во вечерашното гостување во емисијата „Топ тема на Ваша страна“ на ТВ Телма.

Муцунски смета дека повратокот на ДДВ за општините треба да е од 9 до 10 проценти се со цел соодветно да се исполнат обврските во однос на реализација на проектите.

Паралелно велиме дека правиме голем напредок со измените и тоа го поздравувам што има измени во позитивна насока за тоа колку општините ќе добијат од ДДВ, но сметам дека е далеку од тоа што е потребно. Општините според моја проценка треба да добиваат минимум од 9 до 10 проценти од ДДВ-то во својот буџет за да може соодветно да ги реализираат своите обврски и тоа треба да биде наша заложба како градоначалници независно дали сме градоначалници од СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи нашиот интерес е заеднички и нема тука политичка партија, објасни тој.

Муцунски потенцираше дека дополнително се соочува со намелени дотации и трансфери во однос на детските градинки и образованието за 20 милиони денари и тоа при зголемен буџет на Министерството за образование и наука и зголемен буџет на Министерството за труд и социјална политика, барајќи истите да се вратат барем на ниво од претходната година.

Јас работам за граѓаните кои што не гласале за мене, и тие кои што гласале за мене и тие кои што одлучиле да не гласаат, и тука колективен е интересот. Паралелно со тоа, јас ќе кажам со што се соочувам, дотациите и трансферите за градинки и за образование на општина Аеродром за оваа година и се намалени за 20 милиони денари, при зголемен буџет на Министерството за образование и наука и зголемен буџет на Министерството за труд и социјална политика, и сега имам огромни трошоци во делот на струја енормни, а таму каде што треба најмногу да инвестираме, тоа што е најбитно градинките и образовниот процес на дечињата, таму имаме намален буџет од централната власт, рече тој.

Да седнеме и да разговараме со централната власт, прво дотациите и трансферите да ни ги врати барем на ниво од претходната година при нивен зголемен буџет, а понатаму да видиме како да ни се помогне со струјата бидејќи немаме целосна фискална децентрализација, општините не може автономно да располагаат на начин како што може централната власт, порача Муцунски.

Постави одговор

Your email address will not be published.