Две третини од граѓаните не ги прифаќаат бугарските барања

Голем дел од граѓаните не се расположени за прифаќање на бугарските барања, особено оние што се однесуваат на јазичните и идентитетските прашања, дури и ако тоа би значело деблокирање на евроинтегративниот процес, покажува анализата на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон ЕУ. Во исто време, власта го повтори ставот оти во интерес на земјава е детално да бидат дефинирани прашањата со Бугарија, со цел да нема нови блокади.

Претседателот на Институтот за демократија Марко Трошановски во однос на наодите на анализите за евроинтеграцијата на земјава, вели дека тие може да се резимираат во реченицата оти „европскиот сон за земјата се уште сјае, но европската реалност се претвори во лош сон“.  

„Кредибилитетот на Европската Унија продолжува да пропаѓа. Тој е неколку години по ред во голем пад. Унијата се помалку станува значајна во личните животи на луѓето, особено кај Македонците. Се зголемува перцепцијата дека Америка е многу повлијателна од Европа и првпат тоа е мнозински став и кај етничките Македонци, што досега беше резервиран за Албанците“, вели Трошановски, додавајќи оти исто така е важно и дека перцепцијата за влијанието на Европа како најдобар сојузник на земјата бележи огромен пад.

Во однос на преговорите со Бугарија, како што посочува, очигледна е огромната неподготвеност на нашите граѓани да прават компромиси особено по прашањата на јазикот и историјата, додека за бугарското малцинство како такво, отпорот е голем меѓутоа е поблаг и помал од овие други прашања што исто така кажува дека преговори со Бугарија на тема на јазик и идентитет апсолутно не поминуваат кај јавноста овој пат.  

Ова го покажуваат резултатите од истражувањето за перцепциите за ЕУ, од кое произлегоа два истражувачки труда „Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија (2014 – 2021)“ и „Од пофалби до разочарувања: 2021 Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија“, спроведени од Институтот за демократија со поддршка на Фондација „Конрад Аденауер“.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека отстапките не се прифатливи кај две третини или повеќе од оние што одговориле.

Резултатите од истражувањето исто така покажуваат дека голем дел од граѓаните не се расположени за прифаќање на бугарските барања, дури и ако тоа би значело деблокирање на евроинтегративниот процес.

Две третини или повеќе анкетирани граѓани сметаат дека Македонија не треба да прави отстапки согласно бугарските барања поврзани со ревизија на историјата (71 отсто), условот за јазикот (79 отсто) и положбата на бугарското малцинство во Македонија (65,4 отсто).

Најсилната меѓуетничка врска постои во однос на јазикот. Македонците (86,8 отсто) и Албанците (61,4 отсто) не би поддржале прифаќање на ова бугарско барање, покажува анализата.

Главниот заклучок од анализата покажува дека во време на намален кредибилитет на ЕУ без видливи случувања во процесот на пристапување во ЕУ, граѓаните се чувствуваат дезориентирани од кога било досега. На испитаниците им е се потешко да препознаат потенцијален сојузник на земјата, што укажува на зголемена конфузија меѓу населението, стои во заклучоците на истражувањето.

Значително намалување има и во процентот на испитаници кои се отворено евроскептични, а постои меѓуетнички јаз во поддршката за членство во ЕУ меѓу двете најголеми етнички заедници во земјата – Македонците и Албанците. Исклучително висок процент на етнички Албанци – 82 отсто го поддржуваат македонското членство во ЕУ, додека 63 отсто од етничките Македонци ја поддржуваат европската интеграција на државата. 

Постави одговор

Your email address will not be published.