Честитки по повод државниот празник Илинден

По повод државниот празник Илинден честитки до македонскиот народ упатија челниците на владеачкото мнозинство и опозицијата.

„Денеска на 2 Август – Денот на Републиката, оддаваме почит кон нашето славно и херојско минато.

Оддаваме почит кон нашите славни предци од Илинденското востание и од заседанието на АСНОМ, кои ги поставија темелите на современата, независна и суверена македонска држава“, истакна во својата честитка Љупчо Николовски, генералниот секретар на СДСМ. Тој уште додаде дека „како одговорни граѓани продолжуваме да се водиме од ликот и делата на илинденците и учесниците во Народно-ослободителната борба и со чест и обврска ги реализираме нивните идеали.“

Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во својата честитка напиша : „ВМРО-ДПМНЕ на сите граѓани на Република Македонија им го честита големиот македонски празник Илинден.

Илинден е најсветлиот ден во историјата на Македонија, кој ги врзува сите генерации кои се бореа за слободна и независна Македонија. И во 1903-та и во 1944-та година на овој ден народот се обединуваше под бајракот на слободата на татковината во борбата за своите човечки правдини против вековите ропства и окупации.

Илинден е нишка на вековниот сон за кој своите животи ги дадоа илјадници македонски херои, синови и ќерки. Во 1903 година  храброста и жртвата на хероите од Илинденската епопеја беше искрата која разгори идеал пренесен и на вториот светол Илинден 1944 година кога со АСНОМ се втемели македонската државност, идеал кој на 8-ми Септември беше крунисан со независна, самостојна и суверена Република Македонија. “