На денешен ден е роден Панко Брашнаров

Панко Брашнаров

Панко Брашнров е роден на 9 август 1883 година во Велес. Бил член на првиот Централен комитет на ВМРО и потпретседател на Президиумот на АСНОМ. Поради поддршка на Резолуцијата на Информбирото е уапсен и испратен на Голи Оток, каде набрзо умира како најстариот затвореник по основа на Информбирото кој починал во затвор, на 13 јули 1951 година, на 67годишна возраст.

Извадок од говорот на Панко Брашнаров на отворањето на Првото заседание на АСНОМ:

„Другарки и другари народни претставители,

Во овој момент, во ова историско место „Св. Отец Прохор Пчињски“ и на овој историски ден – ИЛИНДЕН -, кога објавуваме да е отворено Првото антифашистичко собрание на народното ослободуење на Македонија, душата ми е преполнета со радост и пред премрежните очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња и Вардар до Места и Бистрица, заплускујат е целата македонска земја, сакајќи да измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропаста на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава.

Во овој момент, земјата на нашите покојници – многубројни народни герои, паднали и посејали коските си по цела Македонија, им станује по лека и они во мир веќе го гледат изгревот на нашата слобода, гледат идеалната дружба на старите Илинденци – на Гоце Делчев и денешните Илинденци – младата македонска војска, и поставените темели за остварението на идеалот на две поколенија, на две епохи – слободна, обединета Македонија…“

60 години не се знаеше каде се погребани неговите посмртни останки. Во септември 2011 година, новинарска екипа на емисијата КОД, составена од новинарите Владимир Тевчев и Александар Кукулев и снимателот Данчо Стефков успеа да го пронајде гробот на Панко Брашнаров. Закопан е на градските гробишта Мирогој во Загреб.