Имајте лесни и Богоудни Богородични пости

Богородичниот (или Успенскиот) пост се смета за есенски пост и, навистина, тој ја отвора вратата на новото годишно време, а ја завршува црковната година.

Овој пост има потекло од древните времиња на Христијанството. Јасно укажување за Успенскиот пост наоѓаме кај Лав Велики, околу 450 година: „Црковните пости се поставени во годината, така што се припишува особено воздржание за секое време. Така, за пролетта има пролетен пост – 40-те дена на Великиот пост; за летото има летен пост (Апостолскиот); за есента има есенски пост, во седмиот месец (Успенскиот); за зимата има зимски пост (Божикниот).

Успенскиот пост е единствениот, посветен на Богородица: започнува две седмици пред празникот Успение на Пресвета Богородица. Богородичниот пост е речиси исто така строг, како и Великиот пост: од понеделник до петок е строг пост, во саботите и неделите е дозволено и масло, додека риба се дозволува само на празникот Преображение Господово (19 август). Постот започнува на 14 август и завршува со 27 август, навечерието на празникот Успение. На самиот празник, 28 август, се блажи, освен ако празникот не падне во среда или петок, и во тој случај постот е олеснет со употреба на риба.

Сè до празникот Преображение Господово, кога во црквите се благословуваат грозјето и јаболката, Црквата пропишува да се воздржуваме од овие овошја; особено оваа традиција е запазена по однос на грозјето. Според преданието на светите отци, „ако некој од браќата јаде грозје пред празникот (Преображение), тогаш нека му биде забрането, заради послушание, да вкусува од грозјето за време на целиот месец август.

Според црковното предание, Богородица дознала за своето преминување од овој свет и се подготвувала за тој премин со пост и засилена молитва, иако самата и немала потреба од очистување на душата или исправување – целиот Нејзин живот бил образ на светост и жртвеност. Православните постат и го подражаваат подвигот на Пресвета Богородица, сакајќи макар делумно да се уподобат на Нејзината чистота, восхвалувајќи ја Неа.

Во Црквата специјално се нагласува дека постот кардинално се разликува од вегетаријанството или обичната диета: постот, пред сè, е воздржување заради Христа – како во телесни задоволства, така и во душевни разоноди. Верните со помош Божја се трудат да победат одредени свои недостатоци, да го повратат мирот и согласноста во односите со ближните, онаму каде што тие се нарушени.

Нека престојните денови ви бидат исполнети во изобилство на убавина, со добро здравје, молитва и спокој.