Нема место за пациенти со ковид-19 во болниците во Струмица, Велес, Куманово…, вели Филипче
Министерот за здравство, Венко Филипче за капацитетите во болниците на новинарско прашање одговори дека нема место за пациенти со ковид-19 во повеќе болници во државава, но дека се прават напори и пациентите се прераспределуваат на други места.
„Нема место во повеќе болници не само во Прилеп, нема место ниту во Струмица, Велес, Куманово. Спремна е болницата во Кочани и Кавадарци како и новото крило во Струмичката болница. Во Скопје на Инфективна клиника има 20 празни места, а има и 72 кревети во модуларната болница. Системот на ротација и понатаму очекуваме да функционира. Во секој момент сме подготвени да ослободиме и други кревети“, рече Филипче.
Во врска со носење на маски на отворено, Филипче дополни дека се консултирале со искусни пулмолози и таа мерка заедно со забраната за групирање е најважниот дел од целокупната превенција.
За тоа кој ќе не контролира колку гости ни доаѓаат дома, Филипче посочи дека тоа е голем предизвик е да се контролира кој ви доаѓа на гости и сме свесни дека еден сериозен дел припаѓа на самите граѓани.
„Секој кога ќе излезе од дома мора да носи маска веднаш. Технички и формално по пријава за собирање дома може да интервенира полицијата, но големи семејни настани се огромен ризик и сакаме да го спечиме преносот на вирусот. Го следиме бројот на новозаразени, секако дека е многу битен, но многу е битно од каде е трансмисијата и какви се мини кластерите“, додаде Филипче.