Угостителите се жалат дека владата и Филипче немаат слух за нивните барања

Деновиве угостителите бараат протоколи и преку дијалог заеднички да се носат одлуки за начинот на кој ќе функционираат во зима, имајќи предвид дека корона кризата најверојатно ќе потрае. Угостителите практично бараат нови протоколи бидејќи постоечките се неприменливи и им носат загуби.

-Немаме протоколи кои можеби ги засегаат угостителските објекти, како што се оние за правење свадби и оние кои работат како ноќни клубови, велат од Независната угостителска комора.

Тие се незадоволи од постоечките протоколи бидејќи во пракса не можат да се спроведат.

-Проблемот со кој се соочуваме е дека Комисијата за заразни болести носи одлуки и протоколи што треба да ги имплементираме, а кои во пракса не може да се спроведат. Од друга страна, носат протоколи со кои се прават настани од големи размери со неколку илјади луѓе каде што не можат да се почитуваат протоколи, а истовремено немаме протоколи кои можеби ги засегаат угостителските објекти, како што се оние за правење свадби и оние кои работат како ноќни клубови, изјави претседателот на Комората, Здравко Јосифовски.

Угостителите потенцираат дека оваа година едвај ќе ја завршат со третина од приходите што ги остварувале претходно со кои нема да ги покријат ниту основните трошоци. Тие работат со загуби и ако не се најде начин како да се премости кризата поголемиот дел од угостителите нема да ја преживеат зимата.

Министерот за економија Крешник Бектешти, во однос на тоа дали ќе има промена на условите за работи на угостителските објекти во зимски услови, рече дека сѐ уште се работи на разгледување на мерките.

Од друга страна опозициската ВМРО-ДПМНЕ јавно презентираше мерки за помош на угостителскиот сектор и вработените во него за да не останат без своите работни места, но тие предлози од Владата не беа прифатени.