„Парадоксално ли е ако една млада наука има свои долги и стари традиции? Во случајот со македонистиката сигурно не!“, Волф Ошлис.
Македонија повторно се соочува со негирање на македонскиот јазик и идентитетот. Бугарија бара Македонија да прифати дека македонскиот јазик е регионален дијалект на бугарскиот јазик.
Во последниот Меморандум испратен од нивна страна до членките на ЕУ се дрзнуваат да кажат дека македонски јазик или етничка припадност не постоеле сè до 2 август 1944 година. Велат дека создавањето на македонски јазик во 1944 година во поранешна Југославија било чин на секундарна кодификација заснована врз бугарскиот литературен јазик, дополнително збогатена со народни форми, со што се симулирал природен процес заснован на дијалект. И најнакрај, дека основата врз која е извршена кодификацијата можело да се смета само како пишана регионална норма на бугарскиот јазик.
Негативната реторика и антимакедонските ставови за коишто сме сведоци многу често во последно време, единствено се резултат на штетното делување на власта која е нема пред сите навреди за македонскиот народ и македонската држава, негирањето на македонскиот идентитет, како и нејзиното тргување и распродавање на државните и националните интереси.
Посебноста на македонскиот јазик и Македонија се теми со кои се занимавале многу научници и лингвисти во светската наука за јазикот. Доколку навистина сака да покаже добрососедство и пријателство тогаш Бугарија треба да се соочи со фактите и аргументите на многу странски лингвисти и да ги прифати како научни докази во знак на почит кон македонскиот народ и Македонија.
Пред да се соочат со фактите треба да ни одговорат зошто рускиот славист Петар Даниилович-Драганов, по потекло Бугарин е сосема заборавен од бугарската лингвистика?
Чесно е да признаат дека тоа е затоа што ја запознал етнокултурната и јазичната посебност на македонскиот народ, односно посебноста на македонскиот јазик и самостојноста на македонскиот народ.
Овојпат за посебноста на македонскиот јазик одговорот го пронаоѓаме токму кај странските лингвисти и проучувачи за македонскиот јазик.
Во вода им паѓаат изнесените лаги затоа што:
Во Споредбената граматика на словенските јазици од 1879 година Франц Миклошич (Австрија) ги користи ракописите од македонската варијанта на црковнословенскиот јазик.
Во 1890 година Карл Хрон (Австрија) зборува за самостојноста на македонските говори и посебен јазик.
Леонард Зигмунд Шулце-Јена (Германија) во 1927 година во својата книга посветена за Македонија ја истакнува посебноста на македонскиот јазик.
Мјечислав Малецки (Полска) во 1932 година врши дијалектолошки теренски истражувања на македонските говори во селата Висока и Сухо. Во овој контекст не може, а да не зборуваме и за Ватрослав Јагиќ и Ватрослав Облак со македонската теорија според која во основата на старословенскиот јазик се македонските говори од споменатите села од околината на Солун.
Самуил Борисович Бернштејн (Русија) како член и на МАНУ и на Бугарската академија на науките во 1938 година објавува статија за македонскиот јазик.
Не може да ги занемариме врвните лингвистички имиња на Хорас Лант и Збигњев Голомб (САД) и нивните научни достигнувања за македонскиот јазик.
И ги има уште, и ги има многу, и ќе ги има…
Македонскиот јазик е посебен, тој постои, и ќе постои, им се допаѓало тоа на сите, или не!
Колумна на Перчо Божиновски, професор по македонски јазик и литература