Ковид кризата им ги зеде работните места на 12.580 граѓани, за седум месеци близу 40.000 новорегистрирани невработени лица

Од близу 40 илјади новорегистрирани невработени лица во периодот од февруари заклучно со август годинава, 12.580 граѓани се останати без работа поради ковид кризата, пишува во анализата Фактор.мк.

Останатиот прилив од нешто над 26 илјади новорегистрирани невработени, или прецизно 26.363 лица, се должи на неколку други основи, вели за Фактор директорката на Агенцијата за вработување, Биљана Јовановска.

Ова појаснување од Агенцијата следува откако беа објавени податоците на оваа институција, кои говорат дека за период од шест месеци, односно откако стартуваа економските проблеми поврзани со пандемијата, се регистрирани точно 38.943 лица.

Од Агенцијата објаснуваат дека овие 12.580 невработени ги згубиле своите работни места во периодот од 11 март, до 31 август оваа година.

-Од вкупниот прилив на невработени лица во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија во периодот од 11.03.2020 до 31.08.2020 година, по основ на прилив од работен однос со состојба на 31.08.2020 година, евидентирани се 12.580 невработени лица, на кои престанокот, односно одјавата од задолжително социјално осигурување е регистрирана во периодот после 11.03.2020 година, односно во период на кризата предизвикана од ковид-19 вирусот, нагласуваат од Агенцијата за вработување за Фактор.

Според Аврамовска, преостанатата бројна на новорегистрирани невработени од околу 26 илјади лица, се должи на неколку други основи.

Една од нив е поврзана со проектот младинска гаранција. Односно, за да влезат во овој прокет, голем број млади до 29 години, дури 17 илјади, се пријавиле како невработени во Агенцијата.

„Во соработка со младинските организации, ги повикавме младите до 29 години, да дојдат и да се евидентираат во Агенцијата како невработени, за да можат да се вклучат во проектот младинска гаранција. Така што, заклучно со август, 17 илјади млади до 29 години, се евидентирани за прв пат како невработени“, вели Јовановска.

Таа објаснува и дека од овие 17 илјади млади луѓе, пет илјади веќе успеале да излезат од младинската гаранција, односно 4.500 се вработиле, а 500 се вклучиле во обуки, и од Агенцијата очекуваат и тие многу брзо да најдат работа, со што и тие ќе излезат од младинската гаранција. Односно, кај оваа категорија лица се очекува да има и прилив и одлив, бидејќи тоа, како што објаснуваат од Агенцијата, е жива материја.

Инаку, за појаснување, овој проект младинска гаранција стартувал од јануари годинава, но практично почнал да се спроведува по носењето на оперативниот план на крајот на февруари – почетокот на март, што значи дека се поклопува на некој начин и со стартот на корона кризата. Тоа прави да изгледа бројот на отпуштените поради кризата поголем отколку што реално е, објаснува Јовановска.