Мрак го изеде тунелот на градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов

Мрак го изеде тунелот на градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов исто како и сите негови големи ветувања за Скопје. Тунелот под Кале кој ќе го решеше сообраќајниот хаос, според се досега, нема да биде ниту започнат до 2022 година кога требаше да биде пуштен во употреба. Очигледно Петре Шилегов знае да ветува, ама не знае да исполнува. По примерот на неговата партија, ветуваше чуда, а не реализираше ништо.
Шилегов сега вели дека тунелот ќе доцни, односно ќе биде готов во следните 5 години. Што значи дека тоа би се реализирало кон крајот на мандатот на следниот градоначалник на Скопје, а не на тој кој го вети пред скопјани.

Сепак, прашање е и дали тогаш ќе се реализира. Шилегов најави нова тендерска постапка следните денови, но судејќи како поминаа тие процеси досега, граѓаните на Скопје не треба многу да се надеваат дека навистина ќе добијат тунел под Кале доколку Шилегов или СДСМ добијат уште еден мандат да го водат главниот град.

Тунелот беше најавен во програмата на Шилегов од локалните избори во 2017 година, а веќе следната година односно, на 24 септември 2018 беше ветено дека проектот ќе започне до септември 2019 година. Но, во февруари 2019 година беше поништен тендерот за избор на фирма која требаше да го проектира тунелот, а сега пропадна и проектот на турската компанија која го доби новиот тендер. Во јуни 2019 година беше потпишан договорот со фирмата „Мега инженеринг“ која имаше 6 месеци да го стартува проектот. Откако не успеа да го започне па побара уште нови 6 месеци, тунелот не започнаа да се прави ни во тие 6 месеци за на крај Град Скопје да го раскине договорот со „Мега Инженеринг“.

Судејќи по ова нема да не изненади и трет неуспех за почеток за изградба на тунелот кој требаше да е дел од делницата од пластичарската улица во Чаир до булеварот Свети Климент Охридски во Центар, заедно со мост преку Вардар кај Владата.

Такво решение за сообраќајниот хаос во Скопје изгледа е преголем залак за градоначалник како Шилегов. Исто како што преголем залак е решавање на проблемот со загадениот воздух, нови мостови, зиплајнот, жичарницата од Капиштец до средно Водно, но и северниот булеварски прстен заедно со трамвајот или како што тој го нарече градскиот воз.