ФРАНЦ КАФКА И ДЕЛ ОД НЕГОВИТЕ МУДРОСТИ КОИ ВРЕДИ ДА ГИ ПРОЧИТАТЕ

Франц Кафка (3 јули 1883 во Прага – 3 јуни 1924 во Виена) е еден од водечките писатели на германскиoт јазик од 20 век. Најголемиот дел од неговите дела се објавени посмртно. Во неговите најпознати дела, романите „Процес“ и „Замок“ , како и новелата „Преобразба“ , пишува за бирократијата, за алиенацијата и за немоќта на поединецот да влијае врз општествените случувања.

Од 1889 до 1893, Кафка одел во основно училиште во Прага. По основното училиште се запишал во гимназија каде учел 8 години, на германски јазик. Матурирал во 1901, со високи оценки. Истата година се запишал на студии на Карловиот универзитет во Прага. Најпрво бил запишан да студира хемија но по две недели се префрлил на право. На крајот на првата година се запознал со Макс Брод со кого останал близок пријател до крајот на својот живот. Кафка многу читал и заедно со Брод го читале Платон на оригинален грчки и делата на Флобер на француски јазик. Ги сметал Фјодор Достоевски, Флобер, Николај Гогољ за свои „браќа по крв“. Освен тоа, го интересирала и чешката книжевност и го сакал делото на Гете. Кафка станал доктор по право на 18 јули 1906 а потоа една година неплатено работел како приправник во граѓанскиот и кривичниот суд.

Книжевното дело на Кафка му припаѓа на германското експресионистичко движење. Врз него делувале делата на Сигмунд Фројд, а егзистенционалистите го сметаат за свој претходник. Пишувал со едноставна, речиси фактографска техника, изобилно употребувајќи ја филозофската и религиозната симболика, често на граница на алегоријата. Неговиот логичен, збиен стил му овозможувал совршено природно да ги изнесува своите фантастични визии.
Во своите дела ја изложува идејата за бесплодноста и немоќта на човекот да ги сфати принципите и механизмот на светот. Малите луѓе кои се покоруваат без прашање, секогаш се во милост на „власта“, додека оние кои се бунат, се осудени.

Тој имал неверојатен талент да комбинира елементи од реализмот и фантастичното, но неговите родители не обрнувале внимание на неговата желба да стане писател. Неговиот татко не сакал ништо освен материјален успех, па воопшто не се грижел за креативната страна на Кафка.

Тој станал човек кој сака социјална изолација, иако во текот на денот бил шармантна и интелигентна личност која работела во компанија за осигурување. Неговите ноќи биле исполнети со пишување и истражување на теми како анксиозност, апсурд, отуѓување и вина.

Следниве мудрости од Кафка ќе ве воодушеват:

„Не ја искривувајте, не ја разредувајте, не обидувајте се да ја направите логична. Немојте да ја менувате вашата душа според трендовите. Наместо тоа безмилосно следете ги вашите најинтензивни опсесии.“

„Страсно верувајќи во нешто што сè уште не постои, ние го создаваме. Тоа што не постои е нешто што уште не сме го посакале.“

„Ужасно се плаши од умирање бидејќи сè уште не живеел.“

„Обично ги решавам проблемите на тој начин што им дозволувам да ме проголтаат.“

„Дружењето со човечки суштества го тера самиот човек да се набљудува.“

„Можам да го сакам само она што имам способност да го поставам толку високо што нема да можам да го достигнам.“

„Младоста е среќна бидејќи има капацитет да ја види убавината. Секој кој ја задржал способноста да ја види убавината, никогаш не старее.“

„Постојат два грева од кои потекнуваат сите други – нетрпеливост и мрзливост.“

„Не трошете го вашето време барајќи пречка, можеби нема никаква.“

„Има бескрајно многу надеж во универзумот… но не за нас.“

„Подобро да имате, а да не ви треба, отколку да ви треба, а да немате.“

„Започнете со она што е правилно, наместо со она што е прифатливо.“

„Размислуваат за нешта за коишто немаат никакво разбирање. Само поради нивната глупавост можат да бидат толку сигурни во себе.“

„Изморен сум, не можам да мислам на ништо и само сакам да легнам во твојот скут, да ја чувствувам твојата дланка на мојата глава и да останам така цела вечност.“

„Пишувам различно од она што го зборувам, зборувам различно од она што го мислам, мислам различно од начинот на којшто сакам да мислам и сето тоа продолжува во најдлабоката темница.“