Независниот синдикат на градежни работници, инженери и трговци ќе организира протест против поскапувањето на струјата
Независниот синдикат на градежни работници, инженери и трговци во градежништвото (НСГРИТГ) денеска најави дека ќе организира мирен протест поради одлуката за зголемување на цената на струјата за 7,4 проценти, оценувајќи дека тоа е показател за недомаќинско работење.
– Најавеното поскапување на струјата од 7,4 проценти заедно со Данокот на додадена вредност од 18 проценти ќе изнесува 8,73 проценти, а во изминатите 14 години струјата поскапела 230 проценти, изјави претседателот на НСГРИТ Атанас Трајковски.
Тој не кажа кога ќе се одржи протестот, но повика на учество од сите работници кога ќе го организираат. Обвини за популизам и удирање по џебот на граѓаните затоа што, како што вели, со поскапувањето на струјата од работниците се одземаат парите што ги добиваат со последното зголемување на износот на минималната плата.
– Во 2007 евтината тарифа беше 1,20 денари за киловат час, скапата тарифа 2,40 денари, а во 2011 година евтина тарифа 1,76 денари за киловат час, а скапа тарифа 3,52 денари. Од 2006 до 2011 година имаше зголемување од неполни 150 процент. Во 2018, 2019 и 2020 цената на евтината тарифа изнесуваше 2,70 денари за киловат час, а скапата 5,54 денари по киловат час, а во оваа цена ја ставија и ангажираната моќност од 33 проценти. За 14 години имаме поскапување за 230 проценти или 2,3 пати. Прашањето е сега пак се најавува покачување од 7,4 проценти, но тука претпоставувам дека не е влезен и Данокот на додадена вредност (ДДВ) од 18 проценти. Ако го земеме и ДДВ-то од 18 проценти покачувањето на струјата ќе биде 8,73 проценти, рече Трајковски.
Добро беше што се зголеми минималната плата од 14.500 на 14.900 денари, но, дополни Трајковски, еве на кој начин пробуваат тие пари да ги земат од џебот на производствениот работник.
– Ситуацијата е – дај им па ќе им земеме. Не може така. Пресметав дека мојот џеб како просечен работник во текот на годинава во просек ќе биде оштетен некаде за 500 денари, така што ете како покачувањето од 500 денари ќе си го вратат назад. Не смееме да дозволиме покачување на платите од наши џебови, кое е популизам, а сега сакаат да го вратат. Ги повикувам сите работници да излезат на мирен протест кога ќе го организираме, изјави Трајковски.
Претседателот на Независниот синдкат на камионскките работници Страшо Јованов, пак, оцени дека едно од најголемите криминални дејствија што биле извршени во тек на пандемијата е тоа што газдите во име на работниците добија финансиски средства, но наместо да им ги дадат на работниците ги ставиле во свој џеб.
– Тоа е најтежок криминал што можеше да се случи, рече Јованов, дополнувајќи дека работниците ќе биле заштитени од таков грабеж доколку бил прифатен предлогот што овој синдикат го достави пред една година до Министерството за труд и социјална политика за формирање координативно тело за заштита на работниците со учество на повеќе институции и синдикати. (МИА)