ВМРО-ДПМНЕ – Заев и Филипче се справија со короната колку што ги пронајдоа милионите од Луј Витон чантата
Република Македонија е црна дупка во регионот и во Европа во однос на бројот на заразени и починати од корона вирусот, ова денеска преку соопштение до јавноста го истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ.
-Граѓаните се оставени само на себе, а Заев и Филипче само ги бројат загубените животи и лажат дека епидемијата е совладана и дека состојбата ја имаат под контрола. Зоран Заев и Владата предводена од СДСМ никако да смислат план за справување со последиците од корона вирусот. Заев и Владата предводена од СДСМ немаат план како да се организира здравствениот систем. Додека сите бележеа пад на бројот на заболени и починати, во Македонија се зголемуваше нивниот број, а не знаат ниту како понатаму со оној тн. есенски бран на корона. Владата предводена од СДСМ нема план ниту за справување со економските последици кои произлегоа од корона кризата, а економските последици стануваат се повидливи од ден на ден, велат од партијата.
Додаваат дека извозот на стоки од државава во периодот јануари ‒ јуни падна за 24 проценти во однос на истиот период од претходната година.
-Заев и Владата предводена од СДСМ за само три месеци го зголеми јавниот долг за повеќе од една милијарда евра. Нема ниту капитални проекти, ниту пак некој ги видел тие пари, а дополнително Владата продолжува со ново задолжување. Заев и Владата на СДСМ знаат да спроведуваат само лоши политики, а на граѓаните и на Македонија им е потребен план и стратегија за справување со кризата, стои во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.