Видување на „(не)културата“ во Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот 2020-2022 година
Уште во првата реченица се гледа деструктивниот приод кон Националната стратегија во делот за културата, односно: „Македонското општество триесетина години упорно работи на сопствената дезинтеграција“. Тоа значи дека од осамостојувањето на Република Македонија до денес нема создавање никакви вредности, нашето општество работи на разградување на општествените сегменти, односно ние не градиме самостојна држава, каја, патем речено, постои како независна од 8 септември 1991 година, а во меѓувреме ги создаде сите атрибути на самостојност, како македонска војска, македонска полиција, македонска царина, циклуси на парламентарни, локални и претседателски избори, разни состави на влади и собранија и сето тоа што следува понатаму во општественото живеење, но за Алаѓозовски тоа е сопствена дезинтеграција. Во овој контекст, и дефинирањето на кризата во општеството заради, нели, сопствената дезинтеграција, Алаѓозовски ја дефинира повикувајќи се на Бојан Иванов, кој патем речено е кадар на СДСМ, т.е. директор на Музејот на Македонија во периодот 2002-2003. Што значи и во анализата СДСМ во лицето на Алаѓозовски се повикуваат исклучиво на сопствените толкувања, произведувајќи сопствена замислена реалност.
Во делот Анализа на рамката на јавни политики гледаме опседнатост на СДСМ од Националната стратегија за развој на културата во Република Македонија во периодот 2013 – 2017 година, каде што примарниот интерес во културата е определен како национален што, пак, СДСМ го смета како ретрограден, односно систем на вредности кој треба да се замени со терминот мултикултурализам. Всушност, овде имаме една вешта замена на тезите за општествените вредностите. Да си ги почитуваш сопствените вредности на идентитетот, како јазик, традиција и своја препознатлива култура е нешто себично, назадно и деструктивно, а мултикултурализмот како збир на колективни вредности со различно потекло е авангарда, напредно in, кажано со речникот на младите.
Овде имаме скриено протнување на вредноста на колективот, а во колективот имаме колективна вина или колективна заслуга, нешто што се наметнуваше како парадигма во минатото општество. Следејќи ја денешната терминолошка определба, тоа е мултикултурализмот. Наспроти тоа е индивидуалната одговорност и индивидуалниот успех отсликани во терминот национален интерес. Значи, повторно имаме потиснување на индивидуата со своите вредности или слабости, наспроти толпата, каде што слабите и успешните се претопуваат едни во други и се создава аморфна маса.
Понатаму, со наметнување вербална флуентност, односно трупање зборови без конкретна смисла и научно верификувана поткрепа, СДСМ, односно најнеуспешниот министер за култура во историјата на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски, се обидува да направи изнасилена дефиниција и наметнување на навистина непотребна терминологија мултикултурализам, па понатаму и интеркултурализам, наметнувајќи им на термините некои „големи“ општествени значења, пресудни за опстанокот и на културата и на општеството. Сѐ на сѐ, овде имаме набрзина искомпониран текст, прикрадуван одваму-оттаму, невешто и несмасно употребен, без никаква смисла и семантика.
Во продолжение, имаме ситуација каде што се наметнува синтагмата јавен интерес, наместо национален интерес, и тоа се претставува како развојна линија од „прогресот“ на општесвотото, а тоа, пак, значи само просто и грубо обезличување на континуитетот на идентитетот и традицијата на еден народ, а продажниот продукт е – сите имаат исти права, исти простор за изразување, но никаде ги нема обврските кон државата.
Терминот интеркултурализам се оправдува и за охрабрување на пристапот на културата и кон маргинализираните групи, појава која никогаш не ни била ускратена ниту во независна Македонија ниту претходно.
Во Република Македонија, а и во Социјалистчка Република Македонија, никогаш не ни се поставувал како проблем изразот на културата и традицијата на етнитетите кои живеат во неа, но и овде Алаѓозовски со неговата верна дружина советници (одродени десничари) со вешта манипулација на невешто дефинираните термни мултикултура и интеркултура безобразно ги навредува граѓаните на Македонија.
Бесмислено е и определувањето на општеството како некаква геокултурна траума. А каде и како би живеел човекот да егзистира ако не во одредена организирана формација која се менувала со текот на развојот на човештвото, но сепак постоела некаква организирана формација. А спротвно на организирана формација на живеење е – анахрија.
Не ја гледам смислата да се наведуваат како успешни проекти од типот „Дебата за културата“ иницирани од невладнин сектор, и тоа да се претставува како голем исчекор во културата, без притоа ни малку да се спомнат владнините институции од областа на културата и нивната улога во општеството. Сето ова спаѓа во доменот на констатација на состојби, нивна анализа и изведување заклучоци. Можеби владиниот модел за практикување и финансирање на културата треба да се приспособува на времињата кои доаѓаат, но тоа не значи дека не треба да постои владина организација. Тогаш, зошто на невладиниот сектор му е потребен владиниот ако овој толку многу го ограничува. Нека оди на слободен пазар на труд тогаш.
Ораганизираното делување на Министерството за култура преку своите комисии од различен тип, годишните конкурси од повеќе видови, како и националните институции Алаѓозовски го нарекува „состојба на постојан диктат“, па во таа насока го форсира невладиниот сектор како нужна потреба од пополнување на „слободумноста“. Тој тука го занемарува фактот дека творештвото по својата природа е слободна и неограничена. Така, колку што знаеме, тие забрануваа филмови, како, на пример, на Јани Бојаџи. Каде е тука слободата на изразот тогаш.
Проектите Скопје 2014 наспроти плоштадот Скендер-бег се оквалификувани како етноцентризам или етнопаралелизам, односно дека е злоупотребен концептот мултикулурализам. Тогаш, да го прашаме Алаѓозовски, дали еден сликар за да го почитува терминот мултикултурализам/интеркулурализам на едно платно треба до половина да го наслика Скендер-бег, а на другата половина од платно да го наслика Гоце Делчев, па ќе имаме две половини од историските личности. Не, потоа Алаѓозовски ќе ја проблематизира големината на наликаните половиники или квалитетот на употребените бои и така се стасува до плус бесконечност на бесмислата. Така доаѓаме до македонскиот Монти Пајтон всушност.
Алаѓозовски во лицето на СДСМ го проблематизира и составот на вработените лица во Управата за афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедниците во Република Македонија, па наведува дека во најголем број таму се Албанци, не знаејќи дека формулацијата припадниците на заедниците според Преамбулата на Уставот значи: Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци и други. Според тоа, таму Албанците и Македонците таму се непотребни.
Обвинувањето на СДСМ дека во периодот 2014 – 2017 година финасирањето на културата е насочено кон партиско-политичка структура е смешна, бидејќи во тој период се финансираат владините институции од областа на културата (примарна дејност на Мнистерството за култуара) и дел од „независната сцена“ (и јас малку да ја употребам терминологијата на Алаѓозовски), а по доаѓањето на власт на СДСМ приматот го има невладиниот сектор и поединиците, па дури невладиниот сектор ги организираше јавните расправи за Националната стратегија за културата 2018 – 2022, како Јадро или Култ-транзен. Замислете, невладиниот сектор, кој е побарувач на средства од владиниот сектор, го организира управувањето на владиниот сектор во културата.
Всушност, ова е еден лукративен обид за пресликување на политичко-филозофското дело Левијантан од 1651 година на англискиот материјалист Томас Хобс во духот на Роберт Алаѓозовски и неговото едно општество за сите во XXI век.
- м-р Александар Јорданоски – член на Централната комисија за Култура на ВМРО-ДПМНЕ