Што треба да знаеме за амониум нитрат?

Премиерот на Либан, Хасан Диаб истакна дека уништувачката експлозија во Бејрут била предизвикана од 2.750 тони амониум нитрат кој бил необезбедно чуван во магацин околу шест години, што се совпаѓа со извештаи дека брод со слична количина на хемикалија ја истоварил пратката во пристаништето во 2013 година.

Но, што треба да знаеме за амониум нитрат?

Амониум нитрат е опасно соединение, попознато и како АН, кое се употребува за правење на експлозиви, полнење на гранати, но исто така, се употребува и за огномети.

Амониум нитратот е честа индустриска хемикалија која се користи главно за ѓубриво, бидејќи е добар извор на азот за растенијата.

Амониум нитратот сам по себе не е експлозив, но формира експлозивни соединенија со различни својства кога се комбинира со примарни експлозиви како азиди или со горива како алуминиумска прашина или со течно гориво.

Тој не се продава на пазарот, бидејќи со него се прават експлозиви.

АН не гори, но ако е изложен на топлина, може да се стопи – што ослободува запаливи токсични гасови што можат да предизвикаат експлозија.

Уште поопасно е доколку има голема количина на АН на едно место, односно сите складирани заедно, затоа што штом мал дел од амониум нитрат почне да се топи и експлодира, добиената топлина ќе го активира остатокот.

Други слични катастрофи:

Една од најтешките катастрофи во историјата на САД била експлозијата која се случила откако на бродот „SS Grandcamp“ била фрлена запалена цигара, а бродот пренесувал околу 2.300 тони амониум нитрат. Пожарот предизвикал експлозија и дополнителни пожари во кои се оштетени повеќе од 1.000 згради и загинале скоро 400 луѓе, се вели на веб-страницата на историското здружение на Тексас. Според американската домашна безбедност, таа експлозија била активирана од 2.300 американски тони амониум нитрат.

И бомбардирањето во градот Оклахома во 1995 година, американски терористички напад во САД во кој загинаа 169 лица, а 467 беа повредени, а се користело само два американски тони (1,8 метрички тони) амониум нитрат.