Мицкоски со порака до политичките противници: Дајте да размислуваме стратешки и за добро на државата

Ги слушам нашите политичките противници кои гледаат како да ми извадат од контекст изјава која ја кажувам, па ќе кажат овој го призна Преспанскиот договор, овој кажа Северна, тој не кажа Северна, и така влегуваат во еден магичен круг на обвинувања, политика која што се води ден за ден, играјќи на картата на кратко помнење на македонските граѓани. Но, јас имам еден одговор до нив. Малку подалеку ги гледаме работите, бидејќи вие од каде сега сакате да стигнете, ние од таму се вративме. Ајде да се обединиме и заеднички да носиме одлуки за иднината,бидејќи друга татковина немаме освен оваа наша заедничка Македонија која што јас сакаме најмногу на светот – рече во денешниот говор премиерот Христијан Мицкоски, за време на Свечена академија по повод 23 Октомври–Ден на Македонската Револуционерна Борба „Завет кој обврзува”

Тој додаде:

Затоа јас им велам секој ваш предлог кој што е конструктивен и кој што е во оваа насока ќе го прифатиме. Тука не можам а да не го прокоментирам она последното, дека ќе поднеле закон каде што минималната плата ќе била 27.700 денари притоа забораваат дека 7 години имаа можност да направат нешто. 7 години имаа можност да го подобрат стандардот на граѓаните, наместо да го пљачкаат брутално буџетот на истиот тој народ, и кого даваат предлози забораваат дека остави држава во банкрот.

Дајте да размислуваме стратешки и за добро на државата.

Тој нагласи дека ова е суштински период, период од кој ќе се знае ќе не биде или не.

Знам дека звучи драматично некому можеби ќе му звучи и патетично но дали знаете дека ако сакаме да успееме немаме избор освен да соработуваме. И тоа мора да почне веднаш и сега. Тој површен пристап кон политиката не доведе до ова дереџе. Иако и левицата и десницата, имаа навистина и квалитетни луѓе, сепак не се изнајде сила да се утврди национална стратегија на државата.

Времето не работи за нас. Секој кој ќе ви каже така ве лаже. Времето како поминува работи против нас. И затоа сите може да чекаат. Само ние не смееме. Мора да се менуваме, мора да променуваме, мора да се развиваме, да реформираме, да се подобруваме. Од ден на ден, од час во час. Ако сега сите не помогнеме заедно, осмислено и стратешки мудро, за жал ќе бидеме територија полна со духови и крстосница на криминалци, мигранти, зомби држава. Тоа некому одговара, но на нас не. Јас сум убеден дека не му одговара ни на регионот, иако многу мислат дека ќе не проголтаат како територија во една таква ситуација, тоа нема да е така – рече македонскиот премиер.

Тој испрати порака до кои се „подготвени да се борат за овие идеи за сопствената држава, кои веруваат сѐ уште дека можеме и дека ќе успееме, кои се столбот, кичмата на македонската држава, чиј непоколеблив патриотизам ме потсетува на оној на луѓето чија организација ја славиме на денешниот ден“:

Јас сум вашиот глас. Секогаш да го знаете тоа. На секој родител кој сонува за своето дете и кон секое дете кое сонува за својата иднина ви ги упатувам овие зборови, јас сум со вас и ќе се борам за вас и ќе победам за вас. За сите граѓани во сите наши градови и села, го говорам ова мое ветување постојано, мора да ја направиме Македонија повторно ваша, повторно горда, повторно безбедна, со институции, со ред, земја на развој и просперитет каде што живеат среќни луѓе.

Тоа е нашата цел, тоа е нашата идеја.

Мицкоски испрати порака дека „работите мора да се менуваат и мора да се менуваат сега, време е да се покаже на целиот свет дека како држава можеме, дека може да бидеме подобри и посилни од било кога“.

Никогаш не се откажувајте, има времиња во животот кога човек едноставно сака да се откаже и да си оди дома, само ве молам верувајте ова не се такви времиња и, немојте никогаш да се откажувате, сум видел во животот многу брилијантни луѓе кои се откажале во својот живот, биле најдобри во својата група најдобри во класот, но се откажале, сум видел други кои немаа посебен талент, а сега се меѓу најуспешните во својата сфера, затоа велам најважна е посветеноста, најважна е одлучноста, фокусот, и пркосот, никогаш не се откажувајте затоа што има надеж, никогаш не запирајте да се борите за тоа во кое верувате и за луѓето кои се грижат за вас.

Ништо кое е вредно да се прави не дошло на лесен начин, следејќи ги вашите убедувања значи дека сте обврзани да прифатите критика од оние на кои им недостасува истата храброст да го направат тоа што е исправно, затоа што само во вас е силата, во вас е силата. Не дозволувајте никој да ви фрли сенка на сомнеж во вас самите и во нас заедно и да ве уверува дека државава нема да успее. Јас ви велам на овој ден овде, заедно ќе успееме! – рече Мицкоски.

На крај порача:

Како што завршив на годишната конференција при мојот последен говор, сакам и денес да завршам, сакам секој од вас да знае дека Македонија е жива! И таа дише и ќе дише со секој наш здив, во секој наш поминат ден борба за нејзе. Јас не сум заборавил кој сум и од каде сум. Понекогаш е потребно да си прагматичен токму за да можам да и помогнам на нејзе и на граѓаните. И ќе бидам секогаш онолку прагматичен колку што е потребно. Само за да видам што е можно посреќни граѓани и да ја видам својата татковина успешна, модерна, европска држава. За тоа да се случи потребно е да се сплотиме и да се бориме.

Предизвиците изгледаат големи. Јазолот е надвиснат над нас. Но ние сме нова генерација мора да веруваме и мора да се бориме. Јас верувам во вас. Исто како што на овој ден на основачкото собрание на Македонската Револуционерна Организација веруваа и тие луѓе.

Тие почнаа храбро. Ние денес ги жнееме плодовите на сопствена држава благодарение на нивната жртва. Да се избориме плодовите од нашата борба да ги жнеат идните генерации и секоја наредна генерација да има подобра почетна позиција од нашата. Вистината за македонското прашање била, е и ќе остане жива.

Бог да ја благослови Македонија.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.