Уште една кривична пријава за Рамиз Мерко

ОВР Струга поднесе кривична пријава против Р.М.(67) од Струга, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.

Рамиз Мерко на 17.01.2022 година, во својство на градоначалник на општина Струга, како што информираат од МВР, „спротивно на законските прописи, донел решение за избор и именување на в.д. директор на училиште во Струга.

Тоа, го направил, иако знаел дека кандидатката што ја наименувал, не исполнувала низа услови од Законот за основно образование, не го положила испитот за директор во утврдениот законски рок и не поседувала соодветен сертификат за познавање на англиски јазик“.

Пријавениот, и покрај тоа, и овозможил да добие решение и противправно да оствари парична корист во износ од 1.390.536 денари за вршење на работни задачи како в.д. директор и како директор на училиштето.

Градоначалникот на општина Струга Рамиз Мерко е обвинет и дека незаконски именувал директори во основните училишта во селата Подгорче, Лабуниште и Велештa и во струшкото „Браќа Миладиновци“.

Споени се три предмети, додека за училиштето во Велешта се работи посебен предмет бидејќи има повеќе осомничени, кои се сомничат за „неодговорно работење во службата“, а дел од нив се гонат и за кривично дело „фалсификување документи“, јавува Порталб.

На 20 јуни 2023 година, Стејт департментот на САД го стави Рамиз Мерко на црната листа.

Вашингтон нема да му дозволи да влезе во САД, поради неговата вмешаност во значителна корупција. Во соопштението на Стејт Департментот се наведува дека градоначалникот на општина Струга злоупотребил средства и се мешал во судски и други јавни постапки, со што ја нарушил довербата на јавноста во демократските институции на Македонија.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.