„Еуроњуз Србија“ анализира за обидот за асимилација на горанската заедница на Косово која бугарските власти ја сметаат за бугарска. Софија има три барања за Приштина пред претстојниот попис напролет – признавање на наводно бугарско малцинство, загарантирано место во Советот на заедници и постоење на Бугари во Уставот. Ова во две одделни посети на Косово претходно го побараа бугарскиот претседател Румен Радев, според кој во Косово има 15.000 Бугари и потпретседателката Илијана Јотова.
Горанците живеат во економски најнеразвиените делови на Косово, Жупа и Подгора. Тие се автохтон народ од муслиманска вероисповед чиј јазик е архаичен словенски говор и според познавачите таму никогаш немало Бугари, но некои земаат бугарски државјанства и пасоши од економски причини. И тука, како и во Пустец, Албанија, Софија со давање пасоши, стипендии за студирање, подароци по селата се обидува да го убеди локалното население дека се Бугари по потекло, објави „Еуроњуз Србија“.
-Многу луѓе, особено од Призрен, беа испратени да студираат во Бугарија со надеж дека за време или по нивното образование можеби ќе можат да добијат бугарска виза. Ова се причините поради кои луѓето ги пополнуваат формуларите со кои сакаат да студираат и земи пасош. И патем во таа форма имав можност да го видам, во првата реченица пишува дека во бугарското ‘аз’ така и така именувано, „със български произход“, значи јас сум толку и така, со бугарско потекло“, вели Садик Идризи, професор на Универзитетот во Призрен за „Еуроњуз Србија“.
Според професорот Радивоје Младеновиќ од Институтот за српски јазик при САНУ, станува збор за агресивна бугарска политика која има за цел да докаже дека Балканот е претежно населен од Бугари. Зборувајќи за Гораните, тој рече дека тие не се чувствуваат како Бугари туку се посебна етно-културна заедница.
– Дел од Бугарите веруваат дека на планетата најпрво настанале Бугарите, потоа бугарските амеби, а после од бугарските амбеи сите останати и се останато. Иако она што го кажав на прв поглед делува како лоша шега, не е. Повеќе од сто години дел од бугарската државна политика и бугарската наука и квазинаука се обидуваат да докажат дека поголемиот дел од Балканскиот Полуостров всушност припаѓа на периферните бугарски јазици и дека во овој контекст е формиран еден проект „заграничните Бугари“ кој е многу агресивен, кој делува како во Косово и Метохија, но и во внатрешниот дел на Србија, изјави Младеновиќ.
„Еуроњуз “ во анализата потсетува дека Албанија уште во 2017 година, на барање на Бугарија, го вклучи бугарското малцинство во уставот, а причината што Македонија не почнува преговори со ЕУ е што се уште не го исполнила истото барање од Софија за внесување на Бугарите во македонскиот Устав.