Бугарското МНР е незадоволно што во Преговарачката рамка е наведен „чист“ македонски јазик!
На 23 јуни годинава пред Комисијата за надворешна политика на бугарското Собрание, министерката за надворешни работи Теодора Генчовска требаше да го презентира ставот на институцијата која ја претставува во однос на францускиот предлог и претстојното гласање во парламентот. Излагањето на Генчовска беше прекинато откако мнозинството пратеници одлучија дека Комисијата нема потреба да дискутира за предлогот. Еден ден подоцна, Собранието во Софија го усвои францускиот предлог.
Во официјалните документи кои Генчовска ги достави до Комисијата беа Протоколот од меѓувладината македонско-бугарска комисија, како и Извештај за односите со Македонија и францускиот предлог за почеток на пристапните преговори со ЕУ.
Во Извештајот кој Генчовска не го презентираше докрај, се наведуваат добрите и лошите страни на францускиот предлог од бугарски аспект.
Меѓу клучните точки во Извештајот е онаа за фамозните Протоколи кои, македонските власти, се уште одбиваат да и ги покажат на домашната јавност. Протоколите се носат согласно членот 12 од Договорот за добрососедство, кој пак сега се наведува и во Преговарачката рамка, во новата, ублажена верзија на францускиот предлог, за разлика од претходната во која имаше директна референца кон Протоколот,
Неспорно е, и тоа се наведува во Извештајот на Генчовска, дека протоколите биле усогласени на состаноците на 4 и 5 јуни во Скопје со нејзиниот колега Бујар Османи. Она што за бугарската страна е неизвесно, како што се наведува во Извештајот, е дали „Скопје ќе ја наруши првобитната согласност, дека тие текстови треба да се прифатат како непроблематични и веќе договорени“.
Анализа на „Дојче веле“