Хотел и три угостителски објекти во Струга не исполнувале услови за работа
Четири од вкупно седум досега контролирани угостителски објекти во Струга, не ги исполнувале минимално техничките услови за работа. Меѓу нив е и еден хотел. Ова го утврдиле контролите на неколку надлежни државни и локални институции, потврдија за Алсат од Пазарниот инспекторат во Струга. Изречени им се парични глоби кои се движат од 100 до 1000 евра. Доколку не ги платат во рок од 8 дена, истите ќе завршат на суд.
„Во моментот според Законот за угостителска дејност, односно правилникот за исполнување на минимално технички услови, издадени се решенија со укажување за отстранување на недостатокот во рок од 8 дена. За констатираниот прекршок изречени се и глоби, чија што половина треба да се плати во рок од 8 дена. Ако не ја платат се поднесува тужба во Основен суд во Струга. Очекуваме дека прекршокот ќе се отстрани од самите угостители“, рече Артим Рочи, раководител на Пазарен инспекторат во Струга.
И во Дебар од вкупно десет контролирани објекти, пет не ги исполнувале потребните минимално технички услови. Хотелските капацитети во Охрид ќе се проверуваат во текот на оваа недела. Од хотелите во Струга, каде инспекторите и полицијата влегле, велат дека се проверувало се од условите во салите за одржување на свадби до поседување на противпожарни апарати, хидранти, односно целото работење на објектот.
„Сметам дека не смее да дојде ни до отварање ако нема минимално технички услови за работа. Ако некој помисли такво нешто првенствено ги става вработените под ризик, а потоа и гостите и сите останати. Државата и инспекциите треба да водат сметка тоа да не се случи, па дури некој и да посака такво нешто да направи“, вели Ана Јанчева, менаџерка на хотел во Струга.
Локалниот совет за превенција, минатата недела меѓу другите одлуки, донесе и одлука за контрола на сите спортски сали на територијата на општината, како и на забавните паркови во градот.
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.