ОЈО ГОКК и Кривичен се скараа кој го пушти во куќен притвор Јахоски

„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по информациите што се пренесуваат во одредени медиуми, ја информира јавноста дека Основниот кривичен суд Скопје ги достави решенијата на судијата на претходна постапка со кои за четворица осомничени е прифатен предлогот на обвинителството и им е определена мерка притвор. За едно лице осомничено за кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело предлогот на обвинителството за определување на мерка притвор не е прифатен и е определена мерка куќен притвор. Во образложението на Решението е истакнато дека судијата на претходна постапка при донесување на одлуката ги имал предвид околностите истакнати во предлогот на обвинителството, но во исто време ги имал предвид и субјективните околности што се на страна на осомничениот, односно дека истиот со одлука на Основен граѓански суд Скопје е старател на неговите четири деца, од кои три се малолетни, дека има оформени цврсти врски со државата и сопствена фирма со повеќе вработени, како и дека неговата здравствена состојба е нарушена за што доставил документација. Сите овие околности, како што е истакнато во решението, одат во прилог на намален ризик од бегство и во насока на оправданост за определување на поблага мерка за обезбедување на присуство. Така, Судијата на претходна постапка не прифаќајќи го предлогот на обвинителството одлучил на осомничениот да му изрече мерка куќен притвор, а воедно оценил дека се исполнети условите да му биде изречена и мерка на претпазливост – одземање на патна исправа и забрана за издавање на нова патна исправа“, сооптија од ОЈО ГОКК.

Обвинителството во соработка со правосудната полиција презема дејствија во насока на обезбедување на докази за сопственост на движен и недвижен имот на осомничените со цел нивно обезбедување заради понатамошна евентуална конфискација.

Од Основниот кривичен суд вчера соопштија дека во однос на осомничениот Јахоски по произнесување на осомничениот пред судија на претходна постапка јавниот обвинител се согласил за  промена на  предлогот за определување мерка притвор со предлог за определување на мерка куќен притвор, што беше прифатено од Судијата на претходна постапка.

Кој го пуштил во куќен притвор Јахоски за кого се барала мерка ефективен притвор, судот и ОЈО ГОКК имаат различни соопштенија кои се донесуваат за ист предмет.

Изјава за случајот денес имаше и премиерот Христијан Мицкоски.

„Овие луѓе кои правеле стотици милиони евра бизнис практично се богателе на грбот на граѓаните со тоа што користеле такви недозволиви средства би рекол согорувале таков тип на недозволиви материи со што го загрозувале животот на граѓаните, секој што се огрешил пред законот ќе одговара без разлика за кого станува збор“, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи го случајот со набавка на канцероген мазут.

Премиерот при денешната посета во Општина Ресен по повод свечено поставување на камен – темелник на македонско – грчкиот граничен премин „Маркова нога“ истакна дека ги охрабрува ваквите акции против организираниот криминал.

„Довербата во судството е таква каква што е јас немам што да додадам, но секој оној кој се огрешил пред законот ќе одговара без разлика за кого станува збор. Но дозволете да се заблагодарам на Министерството за внатрешни работи, Бирото за јавна безбедност и останатите припадници на МВР затоа што мора еднаш засекогаш да владее правото, правата држава и таа да биде подеднакво иста за сите граѓани“, додаде тој.

Премиерот рече дека нема дополнително да коментира и ќе почека истрагата да се заврши.

„Да почекаме истрагата да заврши, па потоа да можеме да коментираме, кои се сите основани сомневања за кои што овие лица ќе бидат обвинети, дотогаш ќе се држиме до тоа што е соопштено на јавноста од институците“, посочи Мицкоски.

Судија на претходна постапка вчера одлучи за мерките против осомничените во случајот со сомнителните набавки на мазут. На Ратко Капушевски му е одреден 30-дневен притвор, додека Асмир Јахоски, сопственикот на „Пуцко петрол“, доби куќен притвор.

На Ратко Капушевски, Адриан Муча и Ерџан Сулкоски им е определен притвор, соопшти кривичниот суд во Скопје. Притворот е определен поради опасност од бегство и влијание врз сведоци.

Капушевски и Сулкоски се сопственици на РКМ, компанијата преку која се одвиваа набавките на мазут за ТЕЦ Неготино во вредност од над 167 милиони евра и кои според Обвинителството се доделени и  реализирани преку злоупотреба, а има и случај на перење на пари, а Муча е поранешен директор на сектор во ЕСМ.

За Асмир Јахоски, син на пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски е определен куќен притвор откако обвинителот го преиначил барањето и се откажал од најстрога мерка за обезбедување на присуство.

На останатите 7 осомничени им се определени мерки на претпазливост.

Единаесетмината меѓу кои Капушевски, основачот на РКМ и сопственикот на Пуцко петрол, Асмир Јахоски се осомничени за злоупотреби при милионската набавка на мазут за ТЕЦ Неготино. Осомничен во бегство е и Васко Ковачевски, поранешен директор на ЕСМ.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.

ZBOR.COM.MK