Пандов: Во затворот во Шутка има полицајци што не треба да носат униформа и го срамат целиот затворски систем
Завршени се дисциплинските постапки за затворските полицајци во затворот во Шутка кои му овозможиле мобилен телефон на Васил Јованов, осомничениот кој на булеварот „Партизански одреди“ ја прегази Фросина Кулакова, вели директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов.
Тој нагласи дека борбата против, како што рече, полицајци со валкани значки ќе му биде приоритет и додаде дека по пронајдениот телефон кај Васил Јованов, бил направен претрес во притворскиот дел, при што биле најдени 70 телефони.
Контрола од полициски службеници од Интервентната полиција била направена и три дена подоцна, вели Пандов, и во истиот дел од затворот биле пронајдени уште 35 телефони.
„Вчера, исто така, во полуотвореното и отвореното одделение најдоа повеќе од 30 телефони. Тоа се бројки што мене ме загрижуваат“, рече Пандов.
За споредба, додаде, Интервентна полиција направила контрола во штипскиот затвор и во затворот во Струмица, каде што отприлика бројот на затвореници изнесува 110, но, како што рече, таму биле најдени само три телефони.
„Како споредба, во понеделникот исто таква интервенција имавме во штипскиот затвор и тие беа да направат контрола во затворот во Струмица, каде има отприлика 110 затвореници, а беа најдени само три телефони“, додаде тој.
Според Пандов, во затворот во Шутка има полицајци за кои вели дека не треба да носат полициска униформа и кои го срамат цел затворски систем.
„Треба да им биде јасно дека сите до еден ќе бидат фатени и ќе бидат избркани од работа. Ќе се потрудам со цел мој авторитет којшто го имам тие да се најдат позади решетки. Во последните акции коишто ги имавме се испостави дека одредени ликови кои иако се наоѓале во затворите, биле на чело на нивните кланови и банди со кои командувале од внатре, од затворите“, нагласи Пандов.
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.