Нефер трговските практики ќе се казнуваат со до 20.000 евра, Ристески најави строг мониторинг
Обновената Комисија за заштита на конкуренцијата од почетокот на годинава има овластување да казнува со високи парични казни за пронајдени договори за нефер трговски практики, со што се зајакнува контролата над пазарот. Како што истакна заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, казните за неправилности во спроведувањето на Законот за нефер трговски практики, кои започнаа да се применуваат од јануари 2025, можат да достигнат и до 20.000 евра.
“Со почетокот на годинава, започнува примена на казните за неправилности при спроведувањето на Законот за нефер трговски практики. Мониторингот, кој беше во функција до крајот на 2024 година, сега прераснува во реални парични казни“, изјави Ристески.
Тој додаде дека Комисијата за конкуренција ќе ги проверува сите договори склучени помеѓу производителите, добавувачите и трговците, а при пронаоѓање неправилности ќе следуваат казни од 20.000 евра.
Според Законот, кој е усогласен со директивите на Европската Унија, се опфатени вкупно 2.546 производи по тарифен број. Претходно, беа утврдени 26 нефер трговски практики, а контролата ќе биде строго спроведувана. Ристески нагласи дека Комисијата за конкуренција ќе може да влегува во фирмите по добивање дојава и да ги проверува договорите. Секое утврдување на неправилност ќе резултира со соодветна казна.
„Со овој Закон се опфатени не само производителите и добавувачите, туку и трговците. Целта е да се регулира односот помеѓу овие субјекти и да се создаде ред на пазарот. Рабатите се ограничени на 10 проценти годишно, спречувајќи ги претходно високите рабати до 35-40 проценти“, истакна Ристески.
Како главен ефект на Законот, се очекува стабилизација на цените на производите на подолг рок, што ќе биде во интерес на крајните купувачи, односно на граѓаните. Законот има за цел да послужи како пример и за други земји од Западен Балкан.
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.