МНР најави кадровски решенија за испразнетите амбасади и конзулати
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски очекува до крајот на годинава да има одредени кадровски решенија за некои од дипломатско-конзуларните претставништва на земјава во кои се испразнети амбасадорските места.
Како што информира денеска, во тек се консултации, но поради доверливоста на процесот се уште не може да се спомнат конкретни имиња.
Според Муцунски, функционирањето на конкретните ДКП-а, иако се без амбасадори, не е доведено во прашање.
-Точно е дека се испразнуваат голем број од позициите на шефови на наши дипломатско-конзуларни претставништва. Тоа не значи дека ќе биде нарушено функциинирањето на овие ДКП-а зашто таму веќе имаме дипломати со високи дипломатски звања кои во меѓупериодот ќе бидат вршители на должности и целосно ефикасно и професионално ќе ги извршуваат задачите. Во тек е процес на консултации и очекувам за одредени ДКП-а и пред крајот на оваа година да имаме одредени кадровски решенија, но во делот на амбасадорските позиции тоа е процес што е строго регулиран и доверлив, затоа не би можел да изложам конкретни имиња. Ве уверувам дека во најскор можен период ќе бидат пополнети сите клучни амбасадорски позиции, а во 2025 година ќе чекориме понатаму, да ги пополниме сите наши ДКП-а со амбасадори или конзули, рече Муцунски.
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.